За блажената состојба на обвинетите

Eх, камо да беше така едноставно јавно да се брани г-ѓата Гордана Јанкуловска од навредливите и злобни интернетски напади против неа по повод веста за нејзината благословена состојба… Велам, да беше толку едноставно, само јавно ќе се згрозевме и со право ќе побаравме осуда, можеби и судска, за недокваканите злобници кои не бираат зборови и алузии за политички и човечки да ја омаловажат г-ѓа Јанкуловска и нејзиниот статус на идна мајка и сегашна жена и сопруга.
Ама работите никогаш не се толку проклето едноставни како што би требало да бидат или како што изгледаат на прв поглед.

Се разбира, мислам на моралната компликација која произлегува од статусот на бившата министерка за внатрешни работи која со години, формално-правно, беше на чело на државниот апарат кој го спроведувал најмасовниот упад во приватноста на граѓаните на една држава, од примерот со практиките на Штази, па наваму.

Според тоа што го знаеме, а и според формалните обвинувања во тековните судски процеси против неа, улогата и одговорноста на Јанкуловска во тоа базично кршење на моралните, а потоа и правните и политичките норми на македонската демократија, не била само како онаа на чуварите, па дури ни на управителите на нацистичките конц-логори – демек, само слепо и речиси механички да се спроведуваат туѓи наредби во еден масовен геноциден проект смислен од повисоки инстанци на злото. Напротив, ние и до сега, пред да ја дочекаме правосудната завршница на судските случаи против неа, имаме јасни сознанија за нејзиниот креативен и многу активен придонес и во спроведувањето и во банализацијата на тоа зло со кое на илјадници македонски граѓани им се нанесоа големи морални, политички, семејни, материјални, бизнис, статусни и којзнае какви уште не штети.

„Тефтерчињата на Јанкуловска“ дури станаа и некаков траен симбол, илустрација на морално-политичката корупција и широко распространетиот систем на уцени, контрола, притисоци, поткупи и секаков вид други злоупотреби спроведувани врз и низ луѓето во претходниот режим на Фамилијата во кој, повторувам, Јанкуловска беше највисок функционер. Нешто како Химлер во нацистичка Германија, кога тоа не би било непристојно претерување во споредбите.

Тоа е контекстот во кој перспективната мајка со отежната бременост, г-ѓа Јанкуловска, и перспективната осуденичка во женското крило на Идризово, треба сега да се брани од невоспитаните, навредливи, простачки напади и ситења на мородерите и социопатите низ македонските социјални мрежи.

повеќе тука
Сашо Ордановски
извор: Цивил

Колумна на денот

Интервју на неделата