Вина не прифаќаат, пари со колнење враќаат

Членовите на ДИК во изминатите две години исцицале околу 126.000 евра и меѓусебно си поделиле по 14.000 евра, покажуваат грубите пресметки, но голем дел од наградените членови и покрај тоа што тврдат дека целосно ги заслужуваат бонусите, сепак истакнаа дека парите ќе ги донираат во хуманитарни цели.

Мартин Богатиноски

Минатиот месец им биле исплатени бонусите и наградите на вработените во Државната изборна комисија (ДИК) кои ги заработиле за време на изборните циклуси во изминатите години, дознаваме од наши извори кои тврдат дека Министерството за финансии ги одобрило бонусите, но како што велат, сè уште не е јасно зошто јавноста не била информирана за исплатата на средствата кои надминуваат 120.000 евра за две години. Како што дознаваме, членовите на ДИК добиле 3 бонуси за прочистувањето на избирачкиот список во 2016 година и за изборите кои беа закажани и потоа одложени, 5 дополнителни плати им биле исплатени за декемвриските парламентарни избори, а 4 плати добиле за локалните избори во октомври годинава. Според грубите пресметки, само деветте членови на ДИК во изминатите години исцицале околу 126.000 евра и меѓусебно си поделиле по 14.000 евра, а исто така наградени биле сите вработени во ДИК, вклучувајќи ги и членовите на изборната администрација. Освен наградите, распишани биле и тендери за набавка на најскапи мобилни телефони, компјутери и таблети, а според нашите извори, дебели пари се трошеле во луксузни хотели и ресторани.

Кој сака нека ги врати

По острите реакции на јавноста, раководството на ДИК вчера свика јавна седница и информираше дека членовите на Комисијата ќе имаат можност индивидуално да одлучат дали ќе ги вратат парите од наградите. Оттаму посочија дека одлуките за надоместок биле донесени согласно законот и дека членовите на ДИК во целост ги заслужуваат тие бонуси, но како што истакнаа, само заради тоа што се почувствувале масакрирано од страна на јавноста, голем дел од членовите донеле одлука да се откажат од надоместокот.

– Не се чувствувам виновна што сум ги земала парите, бидејќи јас тие пари потполно ги заслужувам, но ветувам дека ќе ги донирам за да му се најдат на тој што му требаат – рече Виолета Дума, претставник од СДСМ во ДИК.

Сашо Срцев, пак, кој исто така е еден од деветтемина членови на кои им биле исплаќани дебели награди, истакна дека е подготвен да ја поднесе својата оставка ако се докаже дека работел спротивно на законите.

– Ако се докаже дека сум работел спротивно законите, јас сум спремен да ја поднесам мојата оставка, но тоа нема да ги задоволи моралните принципи. Досега многупати сум донирал, а тоа ќе го сторам и сега, бидејќи на тој начин ќе објаснам дека на моето семејство не му се потребни пари за свеќи и пченица – рече Срцев, алудирајќи на коментарите на дел од граѓаните кои на социјалните мрежи им порачале на членовите на ДИК да ги потрошат бонусите за организирање погреби.

Претседателот Чичаковски, пак, уште еднаш потврди дека одлуката за исплаќање на надоместокот е законита, но и дека таа одлука не била прифатена од судот на јавноста.

– Иако не постои законска можност да се отповика одлуката, јас ќе ги разгледам правните можности и парите кои ми се исплатени ќе ги вратам во буџетот или ќе ги донирам на организации кои работат во сферата на спорведување избори – истакна Чичаковски.

Неми на нашите прашања останаа портпаролите на Министерството за финансии кои одбија да одговорат зошто јавноста не била информирана за исплатените средства, но и кој точно го ставил потписот за одобрување на парите. Одговор не добивме ниту од генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, кој не сакаше да коментира дали владеачката партија чувствува морална одговорност и дали има намера да ги повлече своите членови од ДИК по скандалот за перверзно-високите бонуси што ги добивале низ годините.

Ни леб, ни трошки

Не само што членовите на ДИК добивале енормно големи бонуси и надоместоци, туку нивните награди директно влијаеле и врз џебот на останатите 200 надворешни соработници кои биле вклучени во внесувањето на податоци во апликацијата за локалните избори 2017 година.

Таков е примерот со вработените во Државниот завод за статистика, кои тврдат дека нивната работа за локалните избори им биле зголемена за трипати, а хонорарите им биле скратени за трипати.

– Ние како вработени во Државниот завод за статистика перманентно сме ангажирани за изборите, односно за внесување и за трансфер на податоците од општинските изборни комисии до Државната изборна комисија. Како резултат на нашата работа, ДИК уште истата ноќ по гласањето има неофицијални резултати. За оваа работа секогаш сме биле плаќани од 100 до 150 евра, а низ годините секогаш бевме ангажирани околу 200 вработени. Но, за последните локални избори што се одржаа во октомври годинава, првпат од ДИК ни соопштија дека немаат доволно пари и дека бројката на ангажирани лица мора да ја намалат од 200 на 85 – вели вработен во Државниот завод за статистика.

Нашиот соговорник објаснува дека лицата што останале хонорарно да работат за изборите, добиле тројно поголема работа, а наместо да добијат зголемување на хонорарот, тие на крајот се офајдиле само со 30 евра.

– Деновиве гледаме дека не само што ДИК пливала во пари, туку имала и енормно големо богатство за трошење. Нашата работа трипати ни се зголеми, а наградите се намалија за трипати, а додека вработените во ДИК си добивале илјадници евра бонуси, најмодерни мобилни телефони и што уште не. Ова е најголема срамота и мора некој да преземе одговорност. Голем дел од моите револтирани колеги дури сакаат да ги вратат заработените 30 евра. Освен тоа што ни го зедоа лебот, вработените во ДИК ги исколваа и трошките – вели нашиот соговорник.

Чичаковски потрошил 1.000 евра за јадење и пиење

Преку алатката за слободен пристап до информации од јавен карактер, телевизијата Алсат-М објави податоци за платите на членовите на ДИК, за исплатените надоместоци, дневници за патувања, за храна и пијалаци во бифе – во периодот од именувањето на Чичаковски за претседател од средината на декември пред две години, па сè до одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година.

Како што објави телевизијата, во периодот од 2015 до 2016 година на членовите им биле исплатени 161 илјади евра, а платите се движеле од 1.000 до 1.150 евра на месечно ниво. Во јуни 2016 година, сите членови на ДИК поделиле од 3.000 до 3.600 евра како награда. Во ставката патни трошоци, доминира Силвана Бонева со 11.500 евра за неполна година во ДИК. Бедреин Ибраими добил 3.220 евра, Субхи Јакупи 1.560 евра, а на Чичаковски му биле исплатени скромни 61 евра.

Освен овие пари, членовите на ДИК, на сметка можеле да јадат и да пијат во бифето, па така, претседателот Чичаковски за храна и пијалаци во бифето трошел од 45 до 150 евра месечно или 1.000 евра за 10 месеци. Најскромен бил Атанас Урумов кој испил и изел само 260 евра.

Луксузни хотели, најскапи телефони и луди бонуси

Членовите на ДИК постојано работат, но најмногу прекувремено, вели претседателот на Цивил Џабир Дерала. Тој вели дека „диковците“ се чести гости во луксузни хотели каде што најевтиното ноќевање е 50 евра, а најскапото 220 евра.

– Вработените во ДИК мора да дадат одговор и за скандалозната разлика во примањата на другите вработени во институцијата. Мора да дадат одговор и за мобингот кој се спроведува врз дел од вработените. Треба да дадат одговор за ужасно нарушените меѓучовечки односи, за караниците и меѓусебните подметнувања. Мобилните телефони се само еден дел од јавните набавки. Од тоа малку што го знаеме, шокантните бонуси, мобилните телефони и другите луксузирања, изгледаат како семки – вели Дерала.

Текстот е објавен во Слободен печат

Колумна на денот

Коѕиас

Согласно на стиховите на Василис Цицанис, Солун е град, кој секогаш во своите широки прегратки ги чува оние, кои се проникнуваат со миразот на убавината […]

Интервју на неделата

Горан Трајковски: Македонија е зафатена од чумата на Новиот Вавилон

Тој е можеби еден од најдлабоките, најмистериозните и истовремено наједноставните луѓе во нашава државичка и пошироко. Тивок, начитан, паметен и уметник со голема театралност. Неодамна […]

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*