Убиецот на Оливер Ивановиќ го уби и мирот во регионот

 

Мартин Богатиноски

Атентатот врз српскиот политичар Оливер Ивановиќ во Косово претставува атентат врз мирот и спокојството што низ годините преовладуваше низ земјите од регионот, велат политичките аналитичари. Тие предупредуваат дека токму ова убиство би можело значително да ги зголеми тензиите помеѓу Србија и Косово, но и да претставува почеток на низа терористички напади што би се случиле во околните земји вклучувајќи ја и Македонија. Српските безбедносни експерти оценија дека пукањето во лидерот на граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ е пукање во Бриселскиот договор, во внатрешниот дијалог за Косово, во стабилноста на регионот и во европскиот пат на Србија, додека, пак, македонските познавачи тврдат дека тензиите во соседството многу лесно можат да се прелеат и во нашата држава, па како што велат, ризикот и заканите се многу големи и реални за Македонија.

Убиство за политички цели

Веднаш по убиството на Оливер Ивановиќ, Советот за безбедност на Косово одржа седница на која се разгледуваше состојбата по атентатот на српскиот политичар. Седницата ја закажа косовскиот премиер Рамуш Харадинај, но на медиумите не им беше дозволено да присуствуваат на состанокот.

Косовскиот премиер алудира дека убиството на српскиот политичар Оливер Ивановиќ е резултат на незаконско мешање во северниот дел на Косово од страна на странски институции, но како што вели, засега не постои опасност од можна дестабилизација на регионот.

– Ивановиќ беше активен во политичкиот живот, па затоа ова убиство има мерки на политички злоупотреби. Ние го осудуваме тој чин и секој обид да биде злоупотребен за политички цели од било кого. Сепак, случајот со убиството е изолиран случај и ситуацијата на Косово е стабилна и мирна, па не постои опасност од можни терористички напади и дестабилизација – рече Харадинај.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, пак, изјави дека убиството во голема мера ја загрозува стабилноста на целиот регион.

– Ова секако е сериозен удар врз стабилноста во регионот, особено на северот на Косово, а кога е загрозена стабилноста на северот на Косово, тогаш загрозена е и стабилноста на цело Косово и на целиот регион – рече Дачиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, викендов ќе отпатува на Косово, а убиството на Ивановиќ тој го оцени како терористички акт и истакна дека Србија ќе се однесува во склад со тој акт.

Убиството на српскиот политичар е почеток на нов напад врз Србија од страна на Западот, изјави лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ, кој истакна дека фигурата на Ивановиќ била избрана конкретно за да се жртвува.

– Благодарение на пропагандата на Западот мислам дека ќе започне нов притисок врз Србија, а исто така се плашам од нови напади врз Република Српска. Ова е почеток на нова американска иницијатива на Балканот, која беше објавена пред два месеца. Што се однесува до мотивите за убиството, главната цел е постигната, а таа значи голема загриженост кај српскиот народ, особено во Косово и Метохија – вели Шешељ.

Тој е категоричен дека убиството на Ивановиќ е подготовка за нов идеолошки напад врз Србија, а како што вели, тој напад може да се забележи и во другите земји од регионот.

Според Вук Драшковиќ од Српското движење за обнова (СПО), убиството претставува политички тероризам извршен според моделот на безбедносните служби на Слободан Милошевиќ од 90-те години на минатиот век. Тој истакна дека пукањето во Ивановиќ е пукање во Бриселскиот договор, внатрешниот дијалог за Косово, во стабилноста во регионот и во европскиот пат на Србија.

Косовскиот аналитичар Азем Власи, пак, смета дека за убиството на Ивановиќ се одговорни српски и руски екстремисти кои слободно шетаат на северот.

– Официјален Белград ќе се обиде да го препише случајот на Албанците или да го остави во магла. Исто така постои можност пред меѓународната заедница да создаде впечаток дека Србите наводно се загрозени од Албанците – изјави Власи за „Газета Експрес“.

Обдукцијата покажа дека Ивановиќ бил застрелан со шест куршуми од пиштол познат како „долга деветка“, а неговото тело завчера беше изложено во седиштето на партијата во Косовска Митровица, вчера беше префрлено во Белград, а денеска тој беше погребан во главниот град на Србија.

Претпазливост и превенција

Тешко е да се процени кој го извршил атентатот и со кои цели го сторил убиството, но не смее да се исклучи ниту фактот дека станува збор за политички атентат, бидејќи Оливер Ивановиќ важеше за еден од најголемите авторитети во северот на Косово, објаснува безбедносниот експерт Благоја Марковски.

Тој посочува дека убиството може да создаде големи тензии во регионот, бидејќи како што вели, сето ова се случува во време кога требаше да започнат преговорите меѓу Белград и Приштина во Брисел.

– Убиството на Ивановиќ може да создаде големи тензии во околните држави, а исто така можат да се продлабочат одредени негативни имликации, имајќи предвид дека населението во регионот е во мешан состав и можат да се најдат разни поддржувачи на секакви идеи. Ситуацијата станува доста чувствителна, но останува да видиме како ќе се одвиваат работите во иднина. За среќа, нашата земја не е директно инволвирана во тие српско-косовски недоразбирања, но во секој случај можни се определени импликации и врз Македонија. Мој совет е службите и институциите уште веднаш да започнат со преземање на потребните мерки на претпазливост и превенција од терористички напади – вели Марковски.

Професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност во Скопје посочува дека сето тоа што се случува во регионот автоматски има рефлексија и во нашата држава, бидејќи како што вели, ниту по една работа не се разликуваме од нашите соседи.

– Ако ја земеме предвид АНА како терористичка организација која делува на територијата на Македонија, Косово, Албанија и Бујановац, тогаш ќе сфатиме дека сето ова може премногу лесно да се прелее и кај нас, па токму затоа ризикот и заканата се многу големи за нашата земја. Сепак, самото загрозување на регионот може да ги поттикне активностите за многу побрзо инкорпорирање на Македонија во НАТО – објаснува Димовски.

Поранешниот претставник на Меѓународната кризна група за Македонија, Едвард Џозеф, во изјава за „Гласот на Америка“ вели дека најважно е уште на почетокот од истрагата да се дознае дали убиецот на Ивановиќ е Албанец или Србин.

– Косово е мошне поларизирано, а Митровица е горлива точка. Доколку Оливер бил убиен од Србин, тогаш не треба да се имплицира кон Албанците кои се заглавени во тензични и непријателски односи со Србите, особено на север. Меѓутоа, ако се докаже дека сторителот е Албанец, тогаш импликациите за односите се многу посериозни. Сепак, импликациите и сега се прилично сериозни, бидејќи инцидент од ваков вид може само да ги интензивира тензиите – вели Џозеф.

Владата на Република Македонија изрази длабоко жалење за бруталното убиство на Оливер Ивановиќ.

Со целосно разбирање за траумите од овој нецивилизиран чин се надеваме на воздржаност, како и на брза реакција на надлежните во Косово низ институционална постапка да се разјаснат околностите и да се откријат организаторите и извршителите на ова брутално убиство“, наведено е во владиното соопштение.

Белград го прекинува дијалогот со Приштина

Директорот на српската Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, изјави дека дијалогот во Брисел нема да продолжи сè додека не се открие убиецот на Оливер Ивановиќ.

– Дијалогот меѓу Приштина и Белград нема да продолжи сè додека не добиеме одговор кој го убил Оливер Ивановиќ. Приштина треба да покаже кој стои зад убиството, бидејќи Србија е определена за дијалог и сите овие години се однесува на начин со кој се зачувува безбедноста и опстанокот на Србите на Косово – изјави Ѓуриќ кој завчера со делегацијата од Белград ги напушти преговорите во Брисел.

Димитров го осуди чинот на убиство

Министерот за надворешни работи Никола Димитров го осуди убиството на српскиот политичар во Косово, а во изјава за „Дојче веле“ истакна дека сите негативни вести од ваква димензија претставуваат негативни вести и за Македонија, но и за целиот регион.

– Тоа уште повеќе ја зголемува одговорноста да не ги игнорираме проблемите и да одиме напред индивидуално или сите државни заедно. Во тој контекст, секогаш кога ќе се појави шанса за успех треба да се искористи, бидејќи е тешко сите прашања да се решат одеднаш – вели Димитров.

Текстот е објавен во Слободен печат.

Колумна на денот

Тивкиот убиец на државата

20/04/2018 kalimero nemapravda 0

Менталитетот кај нас, за помагање или барем неправење зло на другиот – не е за пофалба. Всушност далеку е од пофалба и заслужува беспоштедна критика. […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*