Тивкиот убиец на државата

Менталитетот кај нас, за помагање или барем неправење зло на другиот – не е за пофалба. Всушност далеку е од пофалба и заслужува беспоштедна критика. Особено ако станува збор за државната администрација, платена од наши пари, наменета за нас, за нашите потреби како во секое нормално општество. Институциите, впрочем, не се ништо друго освен огледало на нашиот менталитет. Во него гледаме одраз на долгогодишна тортура, функционална неписменост, тотално непостоење одговорност (колективна и индивидуална), на развратните транзициски грабежи. До вакво дно не се стига преку ноќ. Денес, како резултат на нашето долгогодишно системско уништување, на површината испливуваат сите наши не(способости), не(знаења) и не(моќ).

Не можам дури ни да се сетам дали некоја институција нормално функционирала во изминатите десетина и повеќе години. Ако не си во врвот на бизнисот или политиката и ако немаш дебели „врски” во бирократскиот апарат, ти си кршлив и изложен на административна тортура. Може лесно да се случи да исчезнеш и никој дури и да не забележи. Да не постоиш за системот, државата и општината, иако си плаќал и плаќаш уредно за сѐ. Можеш и да починеш и да имаш платено за гроб, но дури по твојата смрт да излезе некоја „мала административна грешка“ (не по твоја вина!), за која роднините или блиските ќе мораат или да платат додатно за да се „расчистат работите“ или ќе мораат да вклучат адвокат. Постои и опција да те фрлат во контејнер или да те закопаат на недозволено место (на пример, во двор или на буниште), но бидејќи е ова нелегално, ако ги фатат – ќе платат многукратно. А можат и да протестираат со твоите посмртни останки, на пример на плоштад, но не верувам дека дотаму би дозволиле да те мачат. Како „снаодливи“ граѓани, сепак најлесно ќе им биде да си земат кредит, оти тој најбрзо и наједноставно се добива во земјата. Ќе те закопаат на раат и ќе те отплаќаат на рати, можеби дури се живи.

Од лошо – полошо!

Но има и полошо. Си починал, но не само гробот, туку и куќата наследена од родителите – не ти била „исправно“ запишана и заведена во бирократските тефтери. На некој во администрација, што си мислел како да слави Велигден или Бајрам, му налетал твојот предмет в раце. Уредно чуван, документиран и среден. И тој, додека во мислите си правел планови за празниците, пролетал низ твоите документи и заборавил да удри штембил „за оверка“. Зашто ти си само бројче од предмет за него, од некое далечно време без компјутери. Со денови и месеци ќе бараш чаре за „случајниот” пропуст, па ќе се разболиш и ќе починеш со „несредени документи”. А твоите грешки и недостатокот на штембилот „за оверка”, ќе останат зад тебе да им го загорчуваат животот на твоите блиски. И тие ќе „бркаат работа” (и правда), висејќи и поклонувајќи се до бесвест пред административните височества зад шалтерите, додека не премалат од очај, умор и безнадежност. Ете како од совршено чесен човек, грижлив родител што оставил нешто на децата, секој може да стане „проколнат мртовец”.

Груевски ги доведе „во ред” и ги заузда оние што се трудеа да бидат чесни и барем малку одговорни во администрацијата. Им даде компјутери и наредби. И тие со по некое познавање и образование од пошироката област, лесно прифатија да бидат гласачки инструмент. Ако ги додадеме новите „чети” „лежачи и гласачи” вработени во администрациите по налог на партиите, го добиваме ова што имаме денес – дно на дното! Административно дупло дно во кое амнезираните чиновници ќе оспорат сечие постоење, особено ако е „постаро” од нив, т. е. ако не е од „нивно време”. Оваа системска неодговорност е без рационално објаснување. Но можеби и е сосема рационална, како на пример, инструмент за собирање данок за празните каси. Администрцијата, нашиот државен крлеж е тивкиот убиец на државата. Да, премиерот има право – состојбата во неа е катастрофална. Ќе страдаат многу невини луѓе, пред да се спроведат коренити промени. Стравот, незнаењето, послушноста, но и новите законски правила од типот – „сѐ има цена” – владеат на нашите шалтери. Нагонот да се преживее и да се опстане како државен службеник во една административна ламја, ќе ги емигрира дури и најголемите мазохисти во земјава. Државата ни ја јаде државата. Безмилосно собира арач од својот народ, што и онака преплатил однапред.

Не сме ние заради нив, туку тие се таму заради нас

Се добива впечаток дека ние сме само играчки за администрацијата. Тие ги моделираат нашите „центри” за издржливост. Бирократите – неупатени, неписмени и неспремни за комуникација со клиентите, прават штета од невидени размери. Фрустрациите, гневот и болештините собрани по шалтерите на државата ги гледаме насекаде. Итно е потребна интервенција и воспитување на администрацијата. Нивната работа и однесување со клиентите не смее да зависи само од лична култура, образование и грижа, а од севкупниот образовен и административен систем што мора да ги подигне и урамнотежи критериумите за вработување. Има поединци коишто одлично си ја вршат работата, но на нив ретко ќе наидете во административните лавиринти. Тоа се луѓе коишто точно знаат зошто се таму и од кого се платени. Нивната љубезност и знаење не треба да бидат шок или изненадување, туку нормално секојдневие. Зашто не сме ние заради нив, туку тие се таму заради нас. Преку реформите во јавната администрација ни останува да го фатиме последниот воз кон цивилизацираноста, или да се збогуваме со себеси.

Помалку од година „во слобода” сме како болен на постела, за кој не се знае дали ќе преживее или не. Да не знае човек од каде да почне со „лекување” и што попрво да оправа?! Ни во филмовите не станува подобро веднаш, пред да биде полошо. Одговорност и соочување со сопствената кадровска, а и друга неспособност мора да има, пред сѐ „од горе”. Сите сме сведоци на грешките. А тие што ги направиле крајно време е да си заминат, зашто премногу долго, во различни влади и без никаков резултат, се „ухлебиле“ во политиката. Ако не си помогнеме самите – никој нема да ни помогне. По таквиот потег ни треба и целосна реформа за да добиеме ефикасна администрација – којашто постои само со цел да ни ги олесни раѓањето, животот и смртта!

Синоличка Трпкова

извор:ДВ

Колумна на денот

Закаснета колумна на Агрон Биба од зад грб т.е зад гроб

20/04/2018 kalimero nemapravda 0

Знам, поминаа неколку недели од последната колумна. Влегов и јас во тие води, средовечни здравствени проблеми со притисокот. Требаше да одам дури во Бурса на […]

Интервју на неделата