Teşekkürler Recep, Спасибо Влади́мир

 

Каква неблагодарност од наша страна! Во цунамито честитки и поздрави, пофалби, самопофалби и тапкања по рамо (во растреперено очекување Јункер да нѐ благослови и унапреди со штипкање на пресреќните Еди и Зоки по меките седомесија) никој од домашните и надворешни честитари не најде за сходно да им се заблагодари на најслужните за добивањето на децениски очекуваната Евро-препорака – султанот Ердоган и царот Путин. И затоа, во духот на балканската благодарност, си земам за право во име на сите нас да им искажам благодарност и признание на наведените, со признание дека без нивната закана по регионот тешко дека би ја добиле, нели, „заслужената” заштитничка препорака од Брисел. Без нив како баба роги, не би светнала силно Европската препорака.

Пред да се осврнеме на тој дополнителен придонес, неколку телеграфски заклучоци за самата церемонија на примање на Препораката и комплетното дежа ву стајлинг на главоболна насмеаност при примопредавање. Успех кој потсетува неодоливо на успесите на дуетот Филе и Ештон од времето на Груевски и Ахмети, на пофалбите за „младите менаџери“, нивните реформски успеси и тогашни напредоци и тоа не со помош на опозицијата, туку со совладување на просто нестварниот отпор на тој блок предводен од СДСМ и нејзиниот експонент во лицето на лудиот претседател на државата (sic!).

Но, да бидеме конкретни за реалните, непарфимирани мотиви за давањето препораки.

Албанија доби препорака за да се израмни во трката со Србија, да се одржи во живот Еди Рама и да не се дозволи Албанија целосно да потпадне под влијание на Ердоган.

Македонија доби Препорака како инцентив за промена на името, да се одржи во живот Зоран Заев и да се спречи Македонија целосно да потпадне под влијание на Ердоган.

За разлика од граѓаните, Владите на двете земји не заслужуваат позитивни препораки.

ЕУ нема други инструменти

Што се однесува до влогот на ЕУ … Нивните препораки се единствениот преостанат инструмент преку кој се обидуваат да ја одржат во живот улогата на актери од влијание во регионот. Но во реалноста, ЕУ-извештаите се веќе неодминливо на пат да тстанат речиси сосема ирелевантни, токму според теркот на некогаш фамозните Извештаи на ОБСЕ. Впрочем, тргнете го инструментот на Препораките – неколку листа А4 формат – и ќе разберете дека ЕУ веќе и нема никави други инструменти на авторитет и влијание за менување на реалности во регионот во кој самите имаат дадено неславен придонос.

Самиот факт што ЕУ ги препорачува Македонија и Албанија на потполно идентичен начин како во случајот со Ромунија и Бугарија – преку форсирање на еластично стабило-политички мотиви на сметка на мерливи административни стандарди – ја докажува неспособноста на ЕУ да се придржува кон сопствените стандарди, сопствените вредности, сопствените искуства и сопствената немоќ за учење од историски грешки. И оваа констатација би можела елегантно да биде отфрлена како субјективна пакост, доколку не беше дипломатски сублимирана во јавната порака на Макрон (интимно споделена од барем пола дузина останати лидери во ЕУ), темпирана да биде искажана токму при посетата на Могерини-Хан во регионот. И дополнително (и координирано?) терцирана со пораката од Коѕијас дека „нема ништо од НАТО во јуни”, како индиректно потсетување до Заев-Ахмети дека Quo Licet NATO, Licet EU.

Изјавата на Макрон ја деградира мантрата „име-за-ЕУ” на ниво на „име-за-иншала”. А како изгледа тоа иншала, доволно е да потсетиме на ветувањата давани на Косово за демаркацијата со Црна Гора како предуслов за либерализација на визите. Ветување кое буквално не подолго од еден час по одобрувањето на демаркацијата од страна на косовскиот парламент се пресврте во нов ЕУ-услов на „добро, честитаме, ама пред либерализација расчистете со корупцијата“. Има ли некој во Скопје или Брисел кој ќе понуди доволно убедливи и аргументирани факти дека нема да ни се случи истото косовско сценарио, и тоа ден по првото пеење на „Денес над Горна Македонија се раѓа невергинско сонце”?

Албанија и Македонија – големи палци на десното стапало кои симптоматично трнат

Сепак, колку да се драматични или драмолетни овдешните акции и реакции кон добиената Препорака, тие ни одблиску не ја отсликуваат далеку посуштествената голема промена која се случува во рамките на големите игри на континентот и пошироко. Во таа голема игра, Македонија и Албанија всушност не се ништо повеќе од симптоми на политичкото лумбарго на Европа. Илустративно кажано, Албанија и Македонија се големите палци на десното стапало кое симптоматично трнат, чешаат и иритираат со боцкање, но се само индикатори на расклатената кичма на самата Европа и Европската Унија.

Имено, слабеењето на привлечната моќ на ЕУ не е феномен создаден во вакум, туку е последица на редица екстерни и интерни причино-последични феномени со директни и индиректни последици по самата природа на Унијата. Накратко, како што агресијата на Путин ѝ стави крај на вековната криенка на рускиот империјален шовинизам под плаштот на комунизмот, ленинизмот или панславизмот, слично како што агресијата на Турција во Сирија ѝ стави крај на мимикријата на турскиот империјален шовинизам под плаштот на исламот, отоманството и муслиманската солидарност, така и хроничната неспособност и неволност на ЕУ и Западот во целост да се придржуваат кон сопствените, низ Балканите декларирани, вредносни мерила на демократија – отчетност, анти-неказнивост, еднаквост, владеење на правото и слобода на зборот – ја побива западната светилничка мисионерска природа и ја разголува суштината на социјален шовинизам на каубојскиот капитализам и елитна неказнивост. Предупредувањето на Макрон за опасност од „граѓанска војна” провоцирана од „националната негативност на сметка на она што нѐ обединува” и подемот на европската „фасцинација со илиберализмот“ е токму илустрација за курсот по кој се движи сегашната европска реалност во која сѐ потешко се препознаваат вредностите, но сѐ повеќе се слушаат разголените интереси.

Лажни надежи и вревливи изговори

Целосната анемичност на раб на потсмешливост на јавностите во Македонија и Албанија кон големиот подарок од Брисел е јасен индикатор на недовербата дека препораките значат промена за обичните луѓе. И уште позагрижувачки, дека Препораките се бриселски комфорно скроени по мерка на домашните елити, но претесни за она што некогаш го нарекувавме работничка класа претопено во немушта граѓанштина. Вербалните пораки дека Препораките се условени со борба против корупцијата и криминалот можеби сѐ уште имаат острина во устите на еврократијата, но по толку злоупотреби, вербални парсинзи и морални лупинзи на западните дипломати, тие во ушите на домашната јавност не се ништо повеќе од здодевно папагалство и верување за лудо радување.

Скепсата на обичните граѓани во решителноста на Западот да се држи кон сопствените „придики“ и во искреноста на домашните елити за алтруистично сечење на сопствените корумпирани нозе веќе одамна не е епизодна појава, туку епидемична пошаст која врие и се акумулира ширум југоистична Европа. Досегашниот топ-ботом приод (од Брисел и Вашингтон кон балканските престолнини) тешко дека може да донесе нешто друго освен веќе видени филмови полни со лажни надежи и вревливи изговори. Но можеби е време за поинаков ботом-топ пристап, во кој домашната јавност ќе смогне сили и гласно ќе го искаже она што бунтовно збунето го шепоти во сенка. Дека домашната корупција е западно генерирана преку двојни стандарди, партиски солидарности, клиентелистички медиуми и НВО-а финансирани од Западот, преку правно-легалистички инженеринг на де-јуре легализација до де-факто амнестија на корупцијата на нивните елитни партнери од овдешните влади. И уште позагрижувачки, дека на Западот воопшто не му пречи домашната корупција, колку што му пречи источната конкуренција во корумпирање на балканските деспоти.

Кој плаќа повеќе?

Среде ваквата тензична атмосфера на сомнеж во искрените намери на Западот се крие опасноста на голем пресврт на амортизација до непрепознавање и бришење на сите дистинктиви помеѓу западните стандарди и источните пракси. Пресврт во кој односот кон политиката и отчетноста ќе биде растоварен од сите преостанати стеги и препреки и сведена на целосна, брутална комерцијализација на „кој плаќа повеќе” за добивање и давање поддршка. Западот предолго живее во слаткастата заблуда дека има бескраен и беспоговорен прерогатив на купување коруптивно настроени мртви души за глумење „демократија”, а без притоа да се соочи со идентичен пристап од други фактори кои веќе и онака возвраќаат и парираат со исти методи и инструменти. Овдешните дипломати предолго и пресамоуверено веруваат дека се супериорни во промоцијата на „најдобра демократија што може да се купи со многу пари”, дека источните опиуми се конечно и неповратно решени со предавање дузина ливчиња и немушти формулации. Но во до коска осиромашените општества на луѓе без соништа и надеж, прашање на време е кога некој ќе им парира со „уште подобра демократија купена со многу повеќе пари”.

За такво парирање не се неопходни Реџеп и Владимир, туку доволни си се и самите до седмо колено збеснато збогатени (со Евро-пари) локални гилиптери кои добро знаат дека ЕУ зависи од нив повеќе отколку што ним им е потребна Европа. И затоа, да завршиме во позитивистички тон – владите од регионот се веќе членки на ЕУ според привилегиите. Народите од Балканот се веќе во Европа според гневовите кои ги споделуваат со европските народи. И во тој паритет ќе се одвиваат идните паралелни партнерства.

Арсим Зеколи

Извор: ДВ

Колумна на денот

Teşekkürler Recep, Спасибо Влади́мир

20/04/2018 kalimero nemapravda 0

  Каква неблагодарност од наша страна! Во цунамито честитки и поздрави, пофалби, самопофалби и тапкања по рамо (во растреперено очекување Јункер да нѐ благослови и […]

Интервју на неделата