Со историја расчистуваме, за географија се подготвуваме

Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам: ние сме подготвени за географска одредница и дотука ќе застанам, затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање решение, изјави Заев на заедничката прес-конференција

Автопатот што нè поврзува со јужната граница ќе се преименува во „Пријателство, а скопскиот аеродром во „Меѓународен аеродром Скопје“, соопшти премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Со одлуката што ја донела Владата на последната седница, рече премиерот Заев, се потврдува исчекорот за градење пријателство и доверба со Грција.

Премиерот Заев рече дека македонската влада е подготвена да прифати географска одредница, зашто прашањето за спорот за името што Македонија го има со Грција е суштествено и треба низ преговорите да се дојде до решение.

– Сакам нашите граѓани да знаат, сакам и граѓаните од соседна Грција да ги знаат деталите, но најмногу сакам навистина да успееме во преговарачкиот процес, и затоа тука е секогаш дозата на внимателност. Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам: ние сме подготвени за географска одредница и дотука ќе застанам, затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање решение изјави Заев на заедничката пресконференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Заев соопшти и дека Владата донела одлука автопатот А1 од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица, да се преименува во „Пријателство“, а на седницата била прифатена и одлуката аеродромот „Александар Велики“ отсега да го носи името Аеродром „Скопје“.

Атина задоволна од „справувањето со иредентизмот“

Одлуката беше поздравена од грчкото Министерство за надворешни работи.

„Денешната одлука е позитивен чекор за пресврт на она што беше направено во изминатата деценија и ги отежна односите меѓу двете земји. Тоа е важен развој во насока на справување со иредентизмот и се надеваме дека ќе значи отворање ново поглавје во односите на двете земји и двата народи, соопштија од грчкото МНР.

Македонскиот премиер рече дека внимателно ги следи настаните во Грција и реакциите дома, но оти колку и да е тешко изнаоѓањето решение на спорот, тој е оптимист.

– Јас сум оптимист, решение може да се најде. Верувам дека ако водиме грижа за другата страна, за нашиот јужен сосед и ако тие водат грижа за нас, притоа почитувајќи се, додржувајќи го достоинството и идентитетот, убеден сум дека може да се изнајде решение и за овој горлив две и полдецениски проблем – истакна Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека двете страни ќе продолжат да разговараат за сите идеи што би можеле да доведат до решение на спорот за името.

– Истовремено одлучивме заедно, и тоа го потврдуваме, дека секоја можна идеја што ќе доведе до решението, дали е драфтверзија на меѓународен договор што ќе го официјализира она што е поприлично решено, а според мене, симболите МК, МКД и слично, а другото би било основа да се продолжи процесот под лидерство на ОН преку господинот Метју Нимиц, користејќи ги сите билатерални средби, без разлика дали е тоа меѓу мене и премиерот Алексис Ципрас, помеѓу министерот Димитров и министерот Коѕијас – рече Заев.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој во Владата ја презентираше Стратегијата за Западен Балкан, одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека овој документ многу позитивно зборува за напредокот што земјата го постигна во последните месеци, дека Комисијата е подготвена да изработи препорака за отпочнување пристапни преговори. Тој нагласи дека за Европската Унија, добрососедските односи се значајна вредност, што е нагласено во Стратегијата за регионот во многу точки и оти секоја земја да може да стане членка на ЕУ треба да ги реши сите билатералните прашања и отворени гранични прашања.

– Затоа охрабрени сме од чекорите што Владата ги прави, тоа е договорот со Бугарија и сега веќе напорите што се прават за решавање на отвореното прашање со Грција. Во последните месеци се градеше една попозитивна атмосфера, се одржаа и првите состаноци на претседателите на владите на двете земји. Го следиме овој процес и се надеваме дека двете земји ќе бидат во можност да најдат решение кое ќе го отвори патот кон ЕУ, но во прв поглед ќе го смени и односот што земјите во овој дел од светот го имаат меѓу себе смета евроамбасадорот.

Жбогар кажа дека ЕУ има позитивни очекувања од двете земји и дека тие треба да останат сериозно посветени да најдат решение.

Стратегијата добра вест за Македонија

Премиерот Заев оцени дека усвојувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан е добра вест за нас. Стратегијата, рече Заев, е одлична вест и вбризгува оптимизам кај сите држави од Западен Балкан, а за Македонија несомнено го отвора патот за членство во ЕУ.

Согласно со оваа Стратегија, Македонија се движи по вистинскиот пат.

– Овој дополнителен поттик претставува голема надеж за Република Македонија. Ова е мотив повеќе да работиме и да ја стигнеме групата на држави што веќе преговараат, тоа се Србија и Црна Гора, а за кои постои детален временски план. За нас, за граѓаните на Република Македонија, ова претставува потврда за успешноста на досегашните наши напори во сите реформски области што ги започнавме рече премиерот Заев.

Тој оцени дека овој успех е заеднички успех – на целава држава, на сите институции, на сите политички партии, на сите заедници и на сите граѓани на Македонија.

– Со поттикот и охрабрувањето што доаѓаат со оваа значајна одлука на ЕК, уште еднаш ги повикувам и пратениците во Собранието од сите политички партии, претседателот на Република Македонија, опозицијата и сите институции на системот максимално да се вложиме и активно да учествуваме во процесот на реформите. Ова е вистинска причина да продолжиме по патот по кој тргнавме како држава, со заеднички напори на сите сегменти од единственото и заедничко општество. Придобивките ќе бидат за целата држава, за секој граѓани – рече Заев.

Текстот е објавен во Слободен печат.

Колумна на денот

Тоа е добротворност обвиткана со достоинство, мое дете

Една жена го праша старецот: „Колку ги продаваш јајцата?” Стариот продавач ѝ одговорил: „6 денари јајце, госпоѓо“. Таа му рече: „Ќе земам 6 јајца за […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*