Шилегов ја запре изградбата на фасадите, скелињата и натаму висат

Градските советници со својата одлука спасија значајни објекти во градот, како што се на пример зградата „Ибни Пајко“ и објектот „Метропол“, но и зградата на „Пелагонија“ и на ТЦ „Палома Бјанка“, каде што веќе беа започнати градежните работи.

Анета Стојковска

Усната наредба која скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја даде уште пред три месеци за запирање на барокизацијата на фасадите на 95 објекти, неодамна беше и официјализирана од советниците во градскиот Совет. Мнозинството од нив го изгласаа предлогот за укинување на Програмата за реконструкција на фасадите на објекти од центарот на Скопје и ги усвоија одлуките за укинување на одлуката за утврдување на изгледот на барокните фасади на овие објекти. На објектите на кои беше започната реконструкцијата сè уште висат скелиња и партали во очекување на новите градежни зафати со кои тие ќе треба да се вратат во првобитната состојба.

Во образложението на одлуката стоеше дека е неопходно да се спречи натамошното уништување на сето тоа што претставува сведоштво на човековото градителско и друго творештво во минатото и да се зачуваат вистинските културни вредности. Градските советници кои гласаа „за“ всушност спасија значајни објекти во градот, како што се на пример зградата „Ибни Пајко“ и објектот „Метропол“, изградени уште во 30-тите години од минатиот век, кои ќе ги задржат изворните фасади изработени од нивните архитекти. Спасена е и зградата на „Пелагонија“ и на ТЦ „Палома Бјанка“, каде што веќе беа започнати градежните работи. Според најавите на Шилегов наскоро треба да биде распишан тендер за избор на ново идејно решение на фасадата на „Пелагонија“, со кој треба фасадата која го избегна барокот да се врати во првобитната состојба.

Забавата заврши. Град Скопје веќе нема да дава пари за барокни фасади од проектот Скопје 2014. Само за 6 фасади биле дадени 556.847.912 денари, односно околу 9 милиони евра“, рече Шилегов.

Градот треба да ги обештети авторите

Сега првиот човек на Скопје има обврска правно да ги уреди односите со изработувачите на проектите за фасадите на објектите од програмата што се укинува и да преземе активности за финансиско обештетување на авторите со оглед на фактот дека Град Скопје нема да ги реализира. Нема информација за тоа колку би чинело обештетувањето, но Шилегов смета дека тоа ќе биде помало од милионските суми потрошени само за една фасада.

Средствата во износ од 70 милиони денари предвидени за проектот „Скопје 2014“ се пренаменети за изградба на енергетски фасади на скопските средни училишта.

Градоначалникот пред два дена повторно нагласи дека дал налог галиите во коритото на реката Вардар да бидат дислоцирани. Во тек е правната постапка, по што треба да биде донесено финално решение како и каде ќе завршат галиите. Сè уште се размислува и што ќе се прави со мостот за панорамското тркало, но конечно градските власти барем започнаа со расчистување на градежниот шут и земја, со месеци заборавени во коритото на реката, кои претставуваа сериозна опасност за нејзино излевање при пообилен дожд.

Дождот ги покажа слабостите на „Скопје 2014“

Неодамнешниот дожд повторно ги извади на виделина сите слабости на проектот „Скопје 2014“. Откако прокисна Државниот архив, со што во опасност се доведоа сите архивски материјали складирани во тој објект, Владата јавно обзнани дека всушност протекуваат 90% од објектите изградени во рамките на спорниот објект и дека се бара долгорочно решение за затекнатата ситуација.

Обвинителството за организиран криминал и корупција веќе отворило предистражна постапка за градбата на објектите од спорниот проект и побарало од Општина Центар да достави соодветна документација.

Во тек е и ревизија на дел од спомениците и објектите од „Скопје 2014“.

– Се прави темелна стручна анализа за овој контроверзен проект, бидејќи се работи за голем број на објекти и споменици, измешани се надлежностите, па на сите им се пристапува поединечно. Еден од првите изготвени елаборати е елаборатот за споменикот на Ќосето и за уште три градби, а се продолжува и понатаму, изјави неодамна министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Текстот е објавен во Слободен печат.

Колумна на денот

Закаснета колумна на Агрон Биба од зад грб т.е зад гроб

20/04/2018 kalimero nemapravda 0

Знам, поминаа неколку недели од последната колумна. Влегов и јас во тие води, средовечни здравствени проблеми со притисокот. Требаше да одам дури во Бурса на […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*