Секој шеснаесетти возач во Македонија нема положено возачки испит

Позајмувањето на семејниот автомобил без знаење на родителите претставуваше силен предизвик за малолетниците во минатото, но како што стојат работите, оваа слика не претрпела големи промени и денес.

Се уште можат да се забележат деца зад воланот како лудуваат по улиците, а како што објаснуваат надлежните, овој проблем најчесто се јавува во руралните места каде што полициската патрола е поретка, а и самиот сообраќај не е толку густ.

Без положен испит никој не смее да управува со моторно возило, па затоа нашите екипи се активни на терен и се почесто ги откриваат ваквите возачи. Овој прекршок е застапен низ целата територија, без разлика дали станува збор за град или за приградски места – велат од Министерството за внатрешни работи.

Според нивните анализи, секој шеснаесетти возач кого лани го запрела сообраќајната полиција не поседувал возачка дозвола и немал положено возачки испит. Од вкупно 306.747 сообраќајни контроли минатата година, дури 18.306 возачи немале положено возачки испит, а помеѓу нив имало голем број малолетници.

Сепак, најзагрозени од оваа проблематика се чувствуваат жителите на скопските населби Волково и Ченто, каде што малолетниците веројатно чувствуваат поголема слобода за да управуваат со возила и покрај тоа што не поседуваат возачка дозвола.

-По улиците од мојата населба секојдневно можат да се забележат автомобили управувани од деца на петнаесетина години. Секоја вечер, кога сообраќајот ќе се намали по улиците, токму овие деца организираат трки и започнуваат да лудуваат со своите возила. Овој проблем мора да се реши во брзо време, бидејќи во секој момент може некој да настрада – вели Благоја К, жител на населбата Волково.

Во населбата Ченто, пак, жителите имаат голем проблем со децата на кои самите родители им купуваат автомобили и им дозволуваат да ги возат само низ населбата.

-Пред неколку недели се карав со едни деца кои лудуваа со своите возила, па во караницата им се заканив дека ќе се пожалам кај нивните родители. Сепак, моето заплашување не успеа, бидејќи се појави таткото на детето и ми рече дека автомобилот му го подарил на својот син за неговиот 16-ти роденден – објаснува Николина В, жителка на населбата Ченто.

Пред околу две години во земјава се направија и законски измени, со кои на малолетниците што наполниле 16 години им се даде шанса да полагаат и да добијат возачка дозвола. Меѓутоа податоците за тоа колку малолетници полагале во земјава, а колку без дозвола се фатиле за воланот само во Тетовско и Гостиварско се многу различни.

Неофицијалните бројки на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) покажуваат оти во изминативе две години возачи станале педесетина малолетници.

Неофицијално, од нив, 10 возачката ја добиле преклани, а од 30 до 40 малолетници дозволи добиле минатата година. Меѓу условите за нејзино добивање се согласноста од родителите, мислење од училиштето и посетувањето 50 отсто повеќе практични часови.

Токму кон оваа категорија учесници во сообраќајот овој период на полуматурски и матурски прослави лани РСБСП спроведе кампања за поголема безбедност, насловена „Не си фраер ако загинеш на матура“.

– Кампањите се покажуваат како ефективни, бидејќи ако ги гледаме статистиките тие доведуваат до тоа дека бројот на загинати во сообраќајот лани е намален за околу 40 отсто во споредба со преклани. Исто така, треба да се земе предвид и дека бројот на возачи и возила во земјава од 2007 година е зголемен за повеќе од 50 отсто – велат од РСБСП.

Колумна на денот

Јазикот како друго рамниште

Пишува Артан Садику Целокупната дискусија околу Законот за јазиците мора да биде пресретната со системскиот предизвик на засебноста на категориите јазик и закон. Зашто јазикот секогаш […]

Интервју на неделата

Горан Трајковски: Македонија е зафатена од чумата на Новиот Вавилон

Тој е можеби еден од најдлабоките, најмистериозните и истовремено наједноставните луѓе во нашава државичка и пошироко. Тивок, начитан, паметен и уметник со голема театралност. Неодамна […]

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*