Осамен на протест, немоќен против воздухот

Наместо на протести, битката за почист воздух битолчани ја водат најжестоко на Фејсбук. Битолчанецот Горан Ропи (48) години, две саботи по ред е оставен сам на протестот против загадениот воздух, пред споменикот на „Стив Наумов“ на Широк Сокак, иако на социјалните мрежи ги повикува граѓаните да му се придружат во битката со воздухот убиец, со транспарент „Ги отрувте децата“.

Граѓаните досега не го поддржаа и не застанаа зад него, и покрај тоа што стотици битолчани секој ден постираат слики од загадувачи на воздухот во Битола на фејсбук-страници и загрижено коментираат во недоглед на оваа тема.

– Многу сум револтиран, бидејќи градот замира, а ништо не се презема против загадувањето. Страшни се податоците од мерните станици, особено во централното подрачје. Како родители, имаме нова форма на грижа кон нашите деца, со постојано следење колкаво е загадувањето – реагира Ропи, татко на три деца.

Според него, ако нема партија да ги организира, битолчани не излегуваат од дома.

– Луѓето се препукуваат на Фејсбук за загадувањето, во зависност од симпатиите што ги имаат кон власта или кон опозицијата. Ако нема партија да ги организира, не прават ништо. Им велам – дојдете на улица, не доаѓаат – обвинува Ропи.

Тој ја критикува новата локална власт дека наместо решение за проблемот со загадувањето, почнува од почеток и води истрага кој загадува.

– Новата локална власт наместо да преземе мерки да се намали загадувањето, ќе мапира загадувачи, а одамна се мапирани, документирани и ставени во фиоки. Кога една партија е во опозиција, загадувањето е опасно, кога ќе дојде на власт не ја чувствува загаденоста, и така сè во круг – реагира Ропи.

Веќе цела година во Битола нема протести против загадениот воздух, и покрај тоа што градот се гуши од опасните ПМ 10 честички.

Организирано приклучување кон протестот

Од здружението „За нас се работи“ кое досега ги организираше протестите против аерозагадувањето, нема најава за организирано приклучување кон протестот на битолчанецот Ропи, ниту пак за организирање нов. Во изминатиот период од здружението двапати седнаа на маса со премиерот Зоран Заев, а беа и на состаноците што во овој контекст ги организираше и РЕК Битола.
Лани, на 1 декември, здружението „За нас се работи“ спроти парламентарните избори организираше протест со блокада на патот кон РЕК Битола. Симболично извадија макета од бели дробови и транспарент „СОС“, само неколку часа пред митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, а по некој ден блокираа улици и пред митингот на СДСМ во Битола.

Обиколницата над Битола ќе се регулира со семафори 

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, во обид да се намали загадувањето во градот од транзитирањето на тешки товарни возила низ градот, најавува дека обиколницата над Битола ќе се регулира со семафори, кои наизменично ќе ги пропуштаат возилата по една коловозна лента. На тој начин ќе се регулира сообраќајот на обиколницата, која поради свлечиште е затворена повеќе од една година.

– Од првиот ден откако станав градоначалник, имајќи предвид дека Општина Битола има еден од најгорливите проблеми, а тоа е загадувањето, мојата концентрација беше насочена кон обиколницата. Со решавањето на проблемот со обиколницата, ќе го избегнеме влезот на возила во нашиот град што би требало да придонесе за намалување на загадувањето на нашата средина – изјави Петровска.

Текстот е објавен во Слободен печат

Колумна на денот

Коѕиас

Согласно на стиховите на Василис Цицанис, Солун е град, кој секогаш во своите широки прегратки ги чува оние, кои се проникнуваат со миразот на убавината […]

Интервју на неделата

Горан Трајковски: Македонија е зафатена од чумата на Новиот Вавилон

Тој е можеби еден од најдлабоките, најмистериозните и истовремено наједноставните луѓе во нашава државичка и пошироко. Тивок, начитан, паметен и уметник со голема театралност. Неодамна […]

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*