Нашите диктатори се подобри од вашите!

Нема демократија без демократски процедури, ама и тоа како има демократски процедури без демократија. Луѓето од Источна Европа на тоа се учат веќе четвртина век.

На црн петок умре Фидел Кастро, и за тоа сите зборуваа: од Доналд Трамп до коментаторите на вести во онаа најоддалечената европска провинција, кои ја користеа смртта на Кастро исклучиво за силење на својата вера. Едни, следејќи го Трамп зборуваа дека требаше да умре и порано, и на тој начин им се умилкуваа на конзервативците и христијанските демократи. Други, следејќи ги спротивните верувања, ја истакнуваа големината на Кастро и значењето на неговиот отпор кон Америка и полувековната американска економска блокада на Куба. Точно дека Фидел и не беше некој демократ, точно и дека човековите права не му се некој политички приоритет, меѓутоа во светот на бруталниот капитализам тој беше анти-капиталистички исклучок, и по тоа тој, едноставно, беше кул.

На почетокот од 90-те, додека кај нас се уште траеше војна, во мода, на Запад, влегоа туристичките патувања во Куба. Стари американски автомобили на улиците на Хавана, стогодишни старци во одела и шешири како мафијашите од 30-те, остатоци од величествената шпанска колонијална архитектура и музика, таа божествена музика со која се љуби и се умира, сето тоа стана планетарен шик. Хотели за странци, бескрајно пусти песочни плажи, а луѓето добри и наивни. Беше 1995 или 1996, кога и од кај нас се тргна на Куба. Оние кои ќе отидеа се враќаа маѓепсани. Мораш да одиш пред да умре Кастро! Таа реченица прв пат ја чув пред дваесетина години. И никогаш не отидов. Ми беше далеку, а и не ми беше кул. Тоа што таму би дошол и отишол, и би се нашол меѓу луѓе кои не можат туку така да дојдат и отидат ме потсетуваше на деновите на опсадата на Сараево. Доаѓаа луѓе, некои прекрасни луѓе од Франција, Германија, Англија, и гледаа како ни е, како сме прекрасни, и потоа си одеа. Точно дека на Куба не паѓаат гранати, но иста е разликата меѓу оние кои можат да дојдат и отидат, и оние кои мораат да бидат тука.

Првата разлика меѓу диктатура и недиктатура е во тоа што во диктатура целокупното општество, освен повластениот слој, се наоѓа во состојба на опсада и без можност за излегување надвор. Од Куба на Кастро не можеше да се излезе. И на тоа може да заврши разговорот за него и неговиот режим. Точно, тој ниту беше Садам Хусеин, ниту беше Пол Пот, а ни Алфредо Стреснер, Питер Бота или Пиноче – да споменеме тројца диктатори кој на американските и европските конзервативци засекогаш им се кул. Во однос на нив Фидел Кастро може да се смета за позитивец. Но и тоа е само привид. Споредби меѓу диктатори немаат смисла. Тоа е како да споредувате обичен убиец со масовен убиец или командант на концентрационен логор, одговорен за смртта на сто илјади луѓе, во споредба со кој обичниот убиец ќе делува како праведник меѓу народите.

На жртвите на Кастро нема им да биде никаква утеха ни тоа што се помалубројни, на пример, од жртвите на државниот секретар од времето на Никсон, големиот светски државник и иконата на демократскиот запад, Хенри Кисинџер, кои, исто така, страдаа под некоја друга, за волја на вистината некомунистичка диктатура. Така да бесмислен е и тој интелектуален маневар со кој една диктатура се настојува да се релативизира со теророт спонзориран од некоја демократија. Меѓутоа исто така би било интересно да се чуе што ќе кажат оние што деновиве во склад со конзервативните и христијански начела ја поздравуваа смртта на Кастро, кога еден ден би умрел и Кисинџер.

Куба влезе во мода, стана трговски бренд и првокласна туристичка дестинација благодарејќи на падот на Берлинскиот ѕид и падот на комунизмот како светски поредок. Откако исчезна секаква закана и откако западниот капитал ја прегази Источна Европа, ја окупираше и ја освои, Куба стана забавен парк, а диктатурата на Кастро фина сценографија за туристички излет и незаборавно летување.

Заедно со најсовршениот од сите туристички слогани, оној што го нема на џамбо плакатите, туку се изговара во пријателските муабети: Оди и види, пред Кастро да умре!

Пред револуцијата и Фидел Кастро, со Куба владееше мрачниот режим на диктаторот Батиста, поставен од ЦИА а помаган од американската мафија. Во време на Батиста Куба беше американска коцкарница со куплерај. Деновиве некој конзервативен коментатор носталгично тврдеше дека Куба на Батиста имала БДП како Италија. Што е веројатно точно, но сите пари одеа кај Батиста и неговите, одеа кај Американците, додека Кубанците умираа во беда. Просто, сè претходно беше толку страшно што не можеше да се случи ништо пострашно. Кастро зад себе ги имаше народните маси, ја имаше цела Куба, бидејќи за Батиста беа само макроата, сопствениците на коцкарници, гангстерите и крвавите чувари на системот.

На почетокот, треба да се потсети и на тоа, револуцијата на Куба немаше комунистички обележја. Ниту пак Кастро беше комунист. Долго време се мислеше, долго време меркаше, барајќи начин и форма за воведување на нови општествени односи. Тој беше протеран право во советските прегратки од самите Американци, кои не ги интересираше ништо друго освен Куба да биде она што таа беше со Батиста. Наместо револуција тие на Куба никогаш, ама никогаш, не нудеа демократија. Сè додека Кастро не воспостави диктатура. Е тогаш Американците тргнаа на Кубанците да им ги нудат своите трговски брендови: слобода, демократија, човекови права… Ама веќе беше готово. Тие направија диктатор од Фидел Кастро и во следните 40 години се обидуваа да го убијат. Тоа што не успеаа да го убијат, што им бегаше и што на некој начин го растураше карактерот на нивниот режим, на европскиот Запад создаде симпатии за Кастро, изразени и од некои навистина озбилни и одговорни луѓе каков што беше Улоф Палме.

Ниту Кастро беше добар затоа што некои други беа полоши од него, ниту неговата диктатура може да се оправдува со тоа што на нејзе и претходеше уште полош диктатор, ниту неговата диктатура може да се релативизира затоа што беше изнудена со неразумни и против демократски политики на Соединетите Американски Држави. Но сепак не е неважно ниту тоа во име на кои идеали и со каков поглед на свет настапуваме кога зборуваме за Кастро. И за какво општество се залагаме кога сме против комунистичка диктатура во Куба или кога имаме разбирање за нејзе.

За природата на секој политички режим, без разлика дали бил генерално слободен или со него владее диктатура, најточна оценка ќе дадат малцинствата. Демократијата не постои без демократски процедури – па така не постоеше ни на Куба, но демократските процедури по ниту една основа не се гаранција дека некое општество е демократско. За тоа први и последни можат да зборат оние кои не победуваат на изборите: опозициските политички партии, малцински заедници од сите видови, невладини организации, здруженија за човекови права. Во демократијата власта ја остварува мнозинството, но нејзиното постоење го потврдува малцинството. Таму каде малцинствата се чувствуваат загрозени или каде луѓето заради своето мислење се чувствуваат прогонети, таму нема демократија, без разлика на процедурата. Таквите општества едвај се подобри од диктатура. Но се подобри. И тие споредби имаат смисла. Унгарија или Русија се попријатни од Куба на Кастро. Не само затоа што од овие држави може да се замине.

Сега, ете, умре Фидел Кастро, и оној слоган ја губи својата смисла. Америка, порано или подоцна – со Трамп веројатно подоцна – ќе ја реколонизира Куба, ќе го укине бесплатното здравство и образование, ќе исчезне императивот на еднаквоста, храна и дом за секого, а луѓето ќе можат да заминуваат. Само што веќе и нема да имаат каде да одат, бидејќи Америка нема да ги прифаќа како што ги прифаќаше бегалците од комунистичката диктатура. Но разлика, повторно, постои: дури и кога немаш каде да одиш, важно е да знаеш дека смееш да заминеш. Секако, Кубанците нема да добијат демократија во замена за комунистичката диктатура. Иако, веројатно, ќе бидат во можност да излегуваат на избори и да гласаат за различни партии.

Меѓутоа тоа е само процедура која може, но и не мора, да создаде значителна општествена промена. Нема демократија нема без демократска процедура, но демократска процедура и тоа како има без демократија. Луѓето од Источна Европа на тоа се учат веќе четвртина век, а сè изгледа дека нивните сознанија во иднина ќе се шират низ Европа и светот.

Јерговиќ,
Јутарњи лист

Колумна на денот

МПЦ-Вооружена

Поповите од МПЦ-ОА се заканија дека ќе земат оружје в раце и дека со насилство ќе го бранат името на државата. Ете, драги мои, што […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*