Квалитетот на дрогата ја регулира смртта

Бројката на предозирани нарко-зависници кои побарале лекарска помош значително опаѓа во последните пет години. Ова го тврдат вработените во Клиниката за токсикологија, кои велат дека сето тоа е резултат на посветената работа на полицијата и царината, кои вршат строги контроли со цел да ја спречат нечистата дрога да протече низ вените на зависниците.

-Последниот смртен случај со предозираност во нашата клиника е забележан пред повеќе од пет години. Сепак, доаѓаат пациенти кои претерале со дозата, но ние брзо успеваме да ги реанимираме и да ги вратиме во живот. Можам слободно да кажам дека пред многу години единствено нечистата дрога беше причина за голем број смртни случаи, но сега таа состојба е целосно изменета. Полицијата и царината одлично си ја вршат својата работа, а тоа значи помалку работа за нас – велат од Клиниката за токсикологија.

Оттаму објаснуваат дека во минатото имало случаи кога нечиста дрога масовно влегувала на македонската територија, а тоа значи и голем број на смртни случаи со предозираност.

-Кога еден зависник ќе користи една доза која го смирува, тогаш тој воопшто не се наоѓа во опасност од предозирање. Но, доколку тој земе дрога која е нечиста, па дозата што претходно ја земал сега е пресилна, тогаш започнуваат проблемите – објаснува нашиот извор.

ДРОГАТА ЈА КОРИСТАТ И ДЕЦА НА 14 ГОДИНИ

Доколку се земе предвид дека во Македонија не постои точна статистика за вкупниот број на лица кои користат дроги, сепак последното истражување на ЕСПАД покажува дека голем број од нарко-зависниците се лица помлади од 18 години. Истражувањето беше спроведено во 2012 година помеѓу 1146 ученици од 20 средни училишта на возраст од 16 години, а резултатите покажаа дека 8 проценти од децата имаат користено марихуана, 3 проценти од испитаниците изјавиле дека имаат користено екстази, а дрога инјектиралле само 0.6 проценти од децата.

Според податоците од центрите за превенција и третман на лица кои се уживатели на дрога, во последниве три години ниту едно лице под 18 години не било на лекување со метадон и бупренорфин. Сепак, на Клиниката за токсикологија, во период од четири години имало вкупно 1436 интервенции при предозирање, а дури 42 проценти од нив биле малолетни лица.

Во периодот од 2005 до 2012 година, бројот на хоспитализации кои биле реализирани во Универзитетската клиника за психијатрија покажува алармантен пораст.

Статистиката вели дека од загрижувачка е бројката на зависниците кои завршиле на одделот за деца и адолесценти, поради тоа што дури пет лица се наоѓале на возраст од 14 години. Патем, тројца зависници биле на возраст од 15 години, по седум зависници на возраст од 16 и 17 години, а 16 лица биле примени на возраст од 18 години.

Минатата година, информацијата за осумгодишниот зависник од хероин ја разбранува јавноста, а од невладината организација ХОПС објаснија дека детето е регистрирано како зависник, но во Македонија недостига современ третман за лекување на децата-зависници од дрога.

БИТОЛСКАТА НАСЕЛБА БАИР Е ЦЕНТАР НА ДРОГАТА

Смртта на младата брачна двојка Исовски од Битола што се случи пред неколку години е само уште една потврда дека во населбата Баир, каде главно живее ромско население, дрогата на големо се консумира. Јавна тајна е дека многу лица од оваа населба се наркозависници, па веќе долго време нема никакво подобрување на овој проблем, и покрај сите настојувања на полицијата да ги открие дилерите и да го спречи ширењето на ова зло.

Но, тоа што најмногу загрижува е лошиот квалитет на дрогата која им се продава на зависниците.

-Дрогата е најголемото зло на Баирот. Таа буквално ги краде животите на младите лица кои се одлучиле на ваква зависност. Иако никој не знае точно колку млади луѓе се дрогираат, сепак бројот на зависниците е енромно голем – велат жителите на оваа населба.

Според нивните кажувања, соочувајќи се со тешката економска криза, младите лица едноставно одлучуваат преку дрогирањето да побегнат од реалноста, па целосно му се препуштаат на дејството на марихуаната или хероинот.

Иако во Битола нема прецизни податоци колкав е бројот на зависници, сепак според поранешниот инспектор на СВР-Битола, Петко Бурлијовски, во овој град се регистрирани околу 400 наркозависници, но нивниот број сигурно е многу поголем.

-Тоа што посебно загрижува е дека бројот на зависници во Битола рапидно се зголемува, а сепак многу мали количини на дрога се откриваат – вели Бурлијовски за Нова Македонија.

Тој објаснува дека нарко-дилерите се добро организирани и постојано ја шират мрежата.

-Со цел да го зголемат бројот на зависници, тие на почетокот ја делат дрогата бесплатно, па потоа ги чекаат жртвите сами да дојдат и да купат дрога – објаснува Бурлијовски.

Нечистата дрога е резултат на лабораториска грешка

Босанскиот наркопазар годинава го тресе нова и се уште недефинирана смртоносна дрога, чија популарност меѓу младите рапидно се зголемува.

Според пишувањата на босанските медиуми, сите индиции водат кон тоа дека се појавила нова дрога што не е никакво изненадување со оглед на тоа дека јавноста во БиХ речиси секојдневно се шокира со информации за појави на нови опасни наркотици.

Според лекарските анализи и пишувањата на странските медиуми, корисниците на оваа дрога се бледи, халуцинираат, имаат врело тело и изгледаат како да се гладни за човечко месо. Нејзиното дејствување води кон тоа корисниците целосно психички да се исклучат од средината во која припаѓаат.

Европското искуство покажува дека на наркопазарите често се појавуваат нови дроги, бидејќи секојдневно во лабораториите се прават комбинации од разни психотропни супстанции, а нивните цени се прифатливи и за уличните дилери.

Само во минатата година, во Европа се пронајдени 81 нова дрога, а на светско ниво, пак, според податоците на Интерпол, на наркопазарите се појавиле над 250 нови наркотици.

Колумна на денот

Teşekkürler Recep, Спасибо Влади́мир

20/04/2018 kalimero nemapravda 0

  Каква неблагодарност од наша страна! Во цунамито честитки и поздрави, пофалби, самопофалби и тапкања по рамо (во растреперено очекување Јункер да нѐ благослови и […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*