Краток спој

Мартин Богатиноски, авторот е новинар

Во овој мизерен и блуден животец, честопати сме биле сведоци на трагедии кои го потресуваат светот и им ги заледуваат срцата на луѓето, како што обично милуваат да напишат некои квази-портали.

Доколку сте забележале, најголем дел од тие примери обично биле масло на луѓе кои се сметани за крајно неспособни да сторат некакво зло. Кога велам неспособни, тоа значи дека нивната скромна блаженост никому не дава за право да помисли дека токму тие фини луѓенца би можеле да грабнат секира и на ситни парчиња да ги исецкаат членовите од целото свое семејство, вклучувајќи ги и поблиските пријатели и подалечните роднини.

Пред некое време на вести слушнав за некој 23-годишен Холаѓанец кој ги убил своите ближни само поради тоа што постојано го исмејувале и правеле скечеви на негова сметка. Како што случајот стручно го искоментира и познатиот амстердамски психијатар Хари ван Елс, најверојатно станувало збор за краток спој во главата на момчето, за потоа брзо да ја поправи својата изјава и да рече дека секоја жичка заслужува убав лем, оти во спротивно, ќе следува експлозија, пожар или поинаква катастрофа.

Во текот на прилогот, изјава дадоа и соседите на убиецот, кои не трошеа зборови за да опишат колку бил примерен и смирен дечко и како на сите луѓе од соседството им кажувал „добро утро“, а некојпат и „добар ден“.

Си велам, ова е идеален пример за да сфатиме дека секој човек е испреплетен со разни жички. Исто како темпираните бомбите во холивудските филмови.

Една жичка е црвена, друга е жолта, трета е сина, па само едно погрешно чкрапнување со клештите е потребно за да го видите испотениот деактиватор како на парчиња виси на најблиската бандера. Па така, си размислувам, ако ние луѓето навистина сме „жичени инструменти“, тогаш дали заедницата, односно државата, претставува темпиран оркестар кој би можел во секој момент да експлодира?

Оти реално, кој би бил јунак вечно да ги трпи сите тие политички игри, борби за фотелји, подмитувања, заканувања, потценувања, прислушувања, реформирања, протестирања, штрајкувања, казнувања, прогонувања…?! Спасот се крие во погрешната жичка, а ние и така сме премногу несреќни за да ја погрешиме вистинската.

Колумната е објавена во Слободен печат.

Автор: Мартин Богатиноски

Колумна на денот

Тоа е добротворност обвиткана со достоинство, мое дете

Една жена го праша старецот: „Колку ги продаваш јајцата?” Стариот продавач ѝ одговорил: „6 денари јајце, госпоѓо“. Таа му рече: „Ќе земам 6 јајца за […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*