Јазикот!

Давид Нинов, епископ стобиски, ПОА

Невозможно е лесно да се прифати распространетата, но површна определба, според која, да се познава еден јазик, значи дека е доволно со истиот само да се разговара, употребувајќи околу стотина зборови во секојдневниот говор. За човекот да биде препознаен како писмен, сепак, неопходно е да ги познава облиците на зборовите, правилата при составувањето реченици, правописот на јазикот што го зборува…

Во земјава, честопати слушаме заложби за исклучително право на општо ползување само со јужнословенскиот, македонски јазик. Со чесни исклучоци, ретко се поставува прашањето за познавањето на нашиот јазик, кој денешните облик и азбука, првпат ги добива во 1945 година. Се разбира, овој податок не го намалува неговото значење. Не постојат грди јазици, постои грдоста луѓето да не се разбираат заради непознавање на јазиците. Нашиот современ јазик е преполн со богатство од поими и сонцеисткаени зборови, но, останува чуденката, зошто оние, кои се залагаат за негова општествена исклучивост, се срамат од сопствениот јазик и, очигледно, не го познаваат доволно!

Малограѓанштината го наплаќа својот данок! Замислете, населба во САД: Злокуќани (на кирилица)! Незамисливото, кај нас е стварност. Некои луѓе ги именуваат градските објекти со необични називи: Палома Бјанка, Беверли Хилс, Сити Мол… а, во говорот, често и нагласено употребуваат англицизирани латинизми, веројатно со цел да остават впечаток на ученост. На пр., вносен, исплатлив, доходовен, стана – лукративен, а добробит, придобивка – бенефит! Зар разговорот на сопствениот, полнозначен јазик, ќе ги направи помалку образовани! Следствено, кога некој славист го слуша нашиот нов израз, му звучи исто како што нам ни звучат на пр., Ромите, кога зборувајќи ромски, вметнуваат словенски зборови! А, правописот! Правописот е посебна приказна! Една илустрација: не мал број пишувачи, прилогот „првпат“, сѐ уште го пишуваат одделно: „прв пат“!

Зошто се случува реченово? Претпоставувам дека еден од мноштвото можни одговори, може да биде и следниов. Нашиот јазик го зборуваат околу 2 милиони луѓе. Кога би се нашле на територијата на САД, помеѓу 323 милиони жители, овие луѓе, доколку не го научат најупотребуваниот јазик, би претставувале затворена заедница. Уште позатворена заедница се во Европа, имајќи предвид дека Европа има 508 милиони жители, од кои само околу 2 милиони се ползуваат со нашиот јазик, во најголем број со половични познавања за истиот. Битни наслови, тешко дека било кога ќе бидат преведени на македонски јазик. Во опкружувањето, пак, мислечките луѓе, кои читаат и говорат јазик што опфаќа пошироко говорно подрачје, ги следат објавите во соседните земји и честопати влегуваат во преписки со различномислечките. Се препукуваат низ поранешните југословенски републики, се препукуваат од Виена до Берлин, од Чикаго до Сиднеј. Некои, како Жижек, се пречкаат кадешто ќе стигнат доведувајќи ги нештата до таму светот да знае кој е Жижек, а никогаш да не чул за неговата држава. Без да има обопштувачки призвук, но кај нас најчесто се среќаваат истите имиња низ преписките, иако некои од нив, без остаток го заслужуваат вниманието и вон границите на земјата. А, сепак, остануваат заробени тука.

Постоењето на една држава не е определено од постоењето на еден јазик. Во Јужнoафриканската република постојат единаесет званични јазици, а во САД ниту еден јазик не е званичен на сојузно ниво. Уставноста на еден јазик е мртво слово на хартија, доколку неговите поборници го именуваат опкружувањето по странските серии, кои будно ги следат! Јазикот е жив само тогаш кога се изучува, кога се поправаат неговите недостатоци, кога луѓето што го зборуваат почнуваат и на други јазици да го сведочат блесокот на оној јазик со кој почнале да мислат и да ги изговараат сопствените согледби.

Постојат многу земји и народи, што зборуваат на јазици, кои не ги нарекуваат според името на сопствената земја и народ. Следствено јазикот е многу повеќе од средство за политикантско поткусурување. Во неговиот „Курс по општа лингвистика“, Фердинанд де Сосир ја изложува следнава впечатлива определба: јазикот е збир на зборови на кои единствена битна црта им е спојувањето на смислата и на звучната слика!

Оттука, ми се чини дека богатството, кое треба да се открие, е зборувањето јазици. Се восовршува и мајчиниот јазик кога се знаат уште неколку јазици, меѓу кои, по слободен избор и јазиците на соседните земји. Зошто? Така се доведуваме во состојба да се преброиме и да не вредиме половина човек, т.е. познавање половина јазик. Мијаците го носеа својот добиток во Солунско поле, беа под Италијаните, зборуваа грчки, италијански, но и јазиците на своите соседи, албански, турски. Баба ми, родена во с. Гари, омажена во с. Долно Косоврасти, која се упокои како монахиња, од најмала возраст ми велеше – да ти кажам една наша, мијачка поговорка: колку јазици знаеш, толку луѓе вредиш!

Текстот е објавен на порталот „Плусинфо“

Колумна на денот

И сега како треба?

Во училиште во Скопје наставник удрил ученик. Таткото на ученикот го пријавил во полиција. Арно му направил, памет за друг пат, така му треба. Ми […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*