Грција сака да ни подметне „ерга омнес“ в постела

Јужните соседи нека приложат издржани аргументи зошто бараат промена на нашиот Устав кога тие самите пред четврт век ја потпишаа спогодбата и се согласија дека никогаш во иднина нема да бараат такви промени, велат експертите

Мартин Богатиноски

Со образложение дека треба да се „отстрани“ иредентизмот, Грција бара со „новото име“ да се смени и Уставот на Република Македонија. Според македонскиот премиер Зоран Заев нема потреба од тоа, зашто нашата земја потребните уставни промени ги направи пред 25 години, но и поради тоа што решението на спорот мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни.

Политичките аналитичари сметаат дека целта на нашиот јужен сосед со инсистирањето на принципот „ерга омнес“ е преку уставни промени да издејствува новото име, освен за надворешна да важи и за внатрешна употреба. Според нив, нашата држава во моментов не треба да презема никакви чекори околу овие прашања, со образложение дека Грците прво треба да приложат издржани аргументи зошто бараат промена на нашиот Устав кога тие самите пред 25 години ја потпишале спогодбата и се согласиле дека никогаш во иднина нема да бараат такви промени.

Не по секоја цена

Премиерот Заев вели дека „знаеме што е возможно, што е дозволено и до каде треба да одиме“, верува дека актуелната власт ќе најде решение за 25-годишниот проблем со јужните соседи, но тоа нема да го стори по секоја цена.

– Не гледам потреба за промена на Уставот на Република Македонија. Барањата за негова промена во разговорите за името се грчки став, но ние имаме наш. Македонија го промени Уставот пред 25 години, со цел да го допрецизира членот 49 вградувајќи го амандманот 2. Ние направивме голем чекор за да го отстраниме иредентизмот. Во моментов сè што правиме е да докажеме дека нашата земја нема никакви аспирации, територијални или иредентистички побуди. Ние сакаме да градиме пријателство, па од тој аспект не гледам потреба од промена на Уставот – рече Заев.

Во процесот на преговори за името во моментов не се разговара за отстранување на членовите 3 и 49 од Уставот, кои се однесуваат на државните граници и на македонските малцинства во други земји, тврди и портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Од друга страна, пак, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос вчера повторно потенцираше дека името може да се реши само преку уставни промени, оти како што рече, тоа е единствениот начин за отстранување на иредентистичките позиции.

– За да може да се најде решение, оваа земја треба да ги донесе сите промени во Уставот, зашто во него, за жал, освен за името има и други иредентистички прашања. Ги чекаме овие промени, бидејќи тие се предуслов за да постои каква било перспектива за интеграција во НАТО и во ЕУ – рече Павлопулос.

Спогодбата не дозволува измени

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, вели дека идејата на Грција е да направи дополнителен заплет на работите, со цел да издејствува „ерга омнес“ да важи внатре во нашата држава.

– Проблемите околу Уставот беа апсолвирани со донесувањето на двата амандмани во 1992 година кога се затвори прашањето за иредентизмот помеѓу Македонија и Грција. Во 1995 година, пак, беше свеченото толкување на содржината на тие амандмани, кои јасно посочуваат дека никогаш, ниту во иднина ниту сега, не може да се дава друго толкување освен тоа што го пишува во Уставот. Со тоа е завршена приказната околу иредентизмот, но Грците сега сакаат да направат дополнителен заплет со тоа што инсистираат Уставот да се менува и така да издејствуваат внатре во нашата земја да важи „ерга омнес“. Но, тие можат да нè викаат како сакаат во странство, но никако не можат да ни кажуваат како ние да се викаме внатре во државата – објаснува Андов.

Тој порачува дека Македонија во моментов не треба да презема никакви чекори околу овие прашања, оти Грците треба да приложат издржани аргументи зошто бараат промена на Уставот кога тие самите пред 25 години ја потпишаа спогодбата и се согласија дека никогаш во иднина нема да бараат такви промени.

– Премиерот Заев многу добро знае што прави и верувам дека ќе остане на ставот дека Уставот не треба да се менува, бидејќи тоа прашање е одамна апсолвирано кога и двете страни постигнаа согласност. Во членовите 6 и 7 од спогодбата, јасно е наведено дека е постигнато сè што Грците бараа во однос на иредентизмот. Па затоа не може сега да бара ново толкување на нашиот Устав, оти таа меѓусебна спогодба има поголема важност од кој било меѓународен договор – вели Андов.

Текстот е објавен во Слободен печат.

Колумна на денот

Закаснета колумна на Агрон Биба од зад грб т.е зад гроб

20/04/2018 kalimero nemapravda 0

Знам, поминаа неколку недели од последната колумна. Влегов и јас во тие води, средовечни здравствени проблеми со притисокот. Требаше да одам дури во Бурса на […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*