Ете, така, одлета Александар Македонски

Таква „еднострана“ политика треба да води Македонија, за која „за возврат“ ќе градиме модерен македонски идентитет на кој ќе му биде речиси сеедно како се викаат автопатот и аеродромот.

Сашо Орданоски

На својата фејсбук-страница, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели дека со промената на имињата на главниот автопат во државава (од „Александар Македонски“, во „Автопат на пријателството“) и главниот аеродром (од „Александар Македонски“, во „Меѓународен аеродром Скопје“), Македонија правела „еднострани отстапки (кон Грција) за кои не добива ништо за возврат!“: „Отстапуваме од нешто наше, а за возврат не добиваме ама баш ништо!“, вели Николоски.

Ваквиот став го повлекува логичното прашање: а што им дадовме ние „за возврат“ на Грците кога пред некоја година ги именувавме овие транспортни инфраструктури со името на Александар Македонски?

Среден прст

Одговорот не е толку компликуван: им дадовме „среден прст“, подолг, бидејќи Александар Македонски го прогласивме за „нешто наше“, а тогашната влада на сопартијците на г. Николоски беше на став дека само со тој вид инает ќе ги подобриме нашите национални и државни перспективи.

Познато е како заврши тој експеримент. Меѓу другото, г. Николоски наместо да замине за амбасадор во Брисел, си остана во Скопје.

Тоа нè води токму до суштината на спорот на сегашнава Влада, со политиките на претходната, но, очигледно, и со политиките на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ – Николоски вели дека овие преименувања се резултат на „најпогрешната надворешна политика што една држава може да ја води!“

А кој вели дека ова треба да се разбере како „надворешна политика“?! Зошто враќањето на домашната политичка нормалност во Македонија треба да биде дел од некоја „поширока стратегија за којашто јавноста не е информирана“ (Николоски) во спорот со Грција? Да, Заев ги прави овие чекори за да ја авансира нашата актуелна надворешнополитичка позиција, но тие потези, во својата суштина, се важни дури и без разлика дали спорот со Грција сега или некогаш ќе го решиме.

Треба навистина да си малку ненормален, во смисла на историскиот и социо-политичкиот инженеринг применет врз сопствената, македонска нација, па да го именуваш главниот државен аеродром според Александар; тоа да го направиш и со автопатот што од аеродромот води до главниот град; истиот Александар да го повториш и со прекрстувањето на главниот булевар што од тој автопат води до срцето на градот; а таму, на централниот плоштад, да му дигнеш на Александар триесетметарски споменик, окружен со тематски парк во истиот антички стиропор-стил, со целото Александрово семејство… Мислам, малку е претерано, болничко, дури и ако се согласувате дека Александар Македонски, што би рекол Николоски, е „нешто наше“.

Пригоден авиомитинг

А ваквиот „едностран“ пристап на Заев (за СДСМ расправата би била малку посложена), на еманципирање на Македонците од своите историски трауми, чијшто идентитетски пресушен „бунар“ ВМРО-ДПМНЕ го ископа дури до антиката, се покажува како извонредно ефикасен дури – ако веќе инсистира Николоски – и на надворешнополитички план, бидејќи „за возврат“ добиваме широки охрабрувања и поддршки за нашите идентитетски, економски, социјални, безбедносни, културни и други перспективи. Малку ли е тоа „за возврат“? Па, белки треба, сега, и ние нешто да одработиме…

Во таа смисла, деновиве некаде и предложив враќањето на старото име на Меѓународниот аеродром Скопје да се прослави со пригоден авиомитинг, на кој ќе се поканат летала и авијатичари од целото соседство, на кој Србите би можеле да ни го пратат својот најдобар воен оркестар да ги забавува посетителите; Грците да дојдат со авионската единица за воздушни акробации, да ги искривиме вратовите следејќи ги нивните вратоломии; Бугарите да пуштаат падобранци, а Албанците нека слетаат со неколку хеликоптери, па да прошетаме со деца и внуци, да се подружиме, да се забавуваме, да има балони и разнобојни знамиња…

Е, таква „еднострана“ политика треба да води Македонија, за која „за возврат“ ќе градиме модерен македонски идентитет, на кој ќе му биде речиси сеедно како се викаат автопатот и аеродромот, за тие да почнат да функционираат и како инфраструктура за враќање, а не само за заминување од државата. Со или без решение на спорот со Грците.

Колумна на Сашо Орданоски, преземена од Слободен печат.

Колумна на денот

Тоа е добротворност обвиткана со достоинство, мое дете

Една жена го праша старецот: „Колку ги продаваш јајцата?” Стариот продавач ѝ одговорил: „6 денари јајце, госпоѓо“. Таа му рече: „Ќе земам 6 јајца за […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*