Двајца пратеници од Беса му намигнуваат на Заев, тројца на Села

По сè изгледа тројцата пратеници од страната на Каремани ќе формираат нова пратеничка група заедно со Зијадин Села, а двајцата пратеници од крилото на Касами ќе кокетираат со Владата на Зоран Заев и можно е да ја поддржат, предвидуваат аналитичарите.

Мартин Богатиноски

Билал Касами останува на позицијата претседател на Движењето Беса, откако Основниот суд Скопје 2 го одби барањето на дел од членството кое сакаше да издејствува промена на партискиот врв. Судот постапи по барањето на членовите кои на Централниот совет го сменија Касами од лидерската позиција и на негово место го именуваа Неџбедин Каремани. За приврзаниците на Касами, оваа судска одлука им става крај на шпекулациите, а за другиот табор, пак, спорот за добивање на легитимитет сè уште не е завршен и тие очекуваат ова прашање да се реши по завршувањето на партискиот конгрес, кој е закажан на 24 февруари годинава. Сепак, од двата табора потврдија дека иако пратениците од Беса се поделени, сепак заедно ќе продолжат да работат кога станува збор за спроведување на реформите, а исто така не ја исклучуваат можноста во блиска иднина да станат дел од владиниот состав, доколку, како што велат, премиерот Зоран Заев им достави официјална понуда. Политичките аналитичари, пак, сметаат дека оваа состојба ќе ја одведе партијата до дното, а како што посочуваат, голема е веројатноста пратеничката група на Беса да се подели на два дела – едните да му се приклучат на Зоран Заев, а другите на Зијадин Села.

Постапката продолжува

Сега веќе е јасно дека нема раскол во партијата, а јас им посакувам среќа на членовите од другиот табор ако се определат да оформат нова партија, вели Абдуш Демири, претставник на таборот што го поддржува Билал Касами за прв човек на партијата.

– По период во кој една мала група незадоволни членови искажаа желба на илегален и недемократски начин да го разрешат Билал Касами, притоа манипулирајќи со граѓаните дека ја имаат поддршката од мнозинството, конечно прашањето е затворено. Решено е дека немале мнозинство и немале методи за дејствување – вели Демири.

Од спротивниот табор, пак, соопштија дека независно од тоа дека некој прогласил победа по судското решение, сепак постапката за смена на партискиот врв продолжува и понатаму.

– Всушност, судот не го оспорува мнозинството, туку ја спори постапката на доставување на документацијата, па затоа одлучил конечната одлука да ја донесе по конгресот во февруари. Спорот за добивање легитимитет сè уште не е завршен и тој ќе се реши по одржувањето на конгресот. Оваа партија нема печат, туку има политички проект чија идеја може да ја носат само оние кои ја дизајнирале – вели Даим Лучи, претставник на крилото што го поддржува Неџбедин Каремани.

Нема простор за компромис

Во однос на формалниот легитимитет, судот пресуди во корист на Билал Касами, па затоа мислам дека крилото на Неџбедин Каремани ќе се обиде нешто да издејствува на партискиот конгрес и таму ќе го зададе тешкиот удар, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.

– Таборот на Каремани ќе се обиде да придобие мнозинство, но тоа ќе биде многу тешко затоа што сите постапки околу организирање и спроведување на партискиот конгрес ги врши групата на Касами, па затоа се подразбира дека нивните предлози ќе бидат усвоени. На поддржувачите на Каремани не им останува ништо друго освен да бараат решение во формирање нова политичка партија. Поделбата во Движењето Беса е премногу длабока и сметам дека нема простор за постигнување каков било компромис помеѓу двете струи – вели Зибери.

Тој посочува дека многу веројатно е партијата да се подели во два субјекта, а како што вели, тоа би значело и поделба на пратеничката група.

– Практично, Беса нема да има пратеничка група, но затоа ќе има Алијансата за Албанците, бидејќи по сè изгледа тројцата пратеници од страната на Каремани ќе формираат нова пратеничка група заедно со Зијадин Села. Двајцата пратеници од крилото на Касами, пак, најверојатно ќе кокетираат со Владата на Зоран Заев и можно е да ја поддржат – објаснува Зибери.

Текстот е објавен во Слободен печат.

Колумна на денот

Тоа е добротворност обвиткана со достоинство, мое дете

Една жена го праша старецот: „Колку ги продаваш јајцата?” Стариот продавач ѝ одговорил: „6 денари јајце, госпоѓо“. Таа му рече: „Ќе земам 6 јајца за […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*