За рокенрол се потребни рокери

Рокенрол заедницата се сретна со новиот Министер за култура и побара итно рокенролизирање на нацијата и спалување на целиот музички шунд, за кој, како што велат музичарите, во изминатата деценија турбофолкот буквално го индоктринирал и уназадил македонскиот народ, а рокенролот бил фрлен во сенка и прогласен за најголем непријател.

Но, и покрај сета почит за стореното и искрено прикажаната желба за масовно враќање на рокенролот на сцената, сепак постојат неколку прашања кои ме мачат и не ѝ даваат мир на трзалицава.

Најважното, каде беше рокенрол заедницата досега и зошто токму сега магично пројави желба за повторно да ја воскресне оваа музика?!

Помалку важното, зошто рокерите му дозволија на кичот да направи лапни-голтни со неколку генерации, кои, за жал, сега веќе се задоени со „издао ме пријатеља, издао ме брат“ и веќе е тешко да ги вратиш на вистинскиот пат.

Најмалку важното, зошто музичарите се жалат поради тоа што биле сметани за непријатели на поранешната власт?! Па зарем тоа не е дефиниција за рокенрол?!

Дел од членовите на заедницата веќе истакнаа дека наводно биле жртва на политиката на поранешната власт и затоа не сакале да се мешаат во „диктатурата“, но искрено, тој одговор некако ми е симптоматично глупав ако се земат предвид постапките на вистинските рокери низ годините. Кога зборувам за вистински рокери, тоа не значи дека го омаловажувам Влатко Стефановски, туку само потенцирам дека Ленон си е Ленон, а Хендрикс си е Хендрикс.

Си размислувам, што ли би сториле овие двајца великани ако почувствувале дека рокенролот станува загрозен вид во нивните земји? Дали би чекале 11 години за да падне нечија власт за повторно да се изборат за повисок општествен статус?! Всушност, чуму им е повисок општествен статус?

Реално гледано, за оваа проблематика и не мора да ги мешаме Ленонци и Хендриксци. За селјачка нација како нашата и за рокеришта како нашите, доволно е само чичко Бора да ве потсети дека куќниот совет му ја исклучи струјата, а тој го вклучи транзисторот и го пушти рокенролот на најгласно.

И не, тој не чекаше да падне претседателот на куќен совет!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *