Најпознатите реплики од македонските филмови

„Извини Пиги, морално беше“, „Носи ја на ќебапи, нек се осеќа ко кинеска краљица“, „Признај, пизда ти материна…“, се едни од најупотребуваните реплики од македонските филмови.

Хемфри Богарт го паметиме по репликата „Мислам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство“ во „Казабланка“, Клинт Иствуд – по „Разубави ми го денот“, а Арнолд Шварценегер по „Аста ла виста“. Филмските реплики некогаш говорат повеќе од делата – и тие се култни некогаш повеќе од филмот.

И во нашата културна меморија постојат реплики што настанале на филм и телевизија и си го нашле местото во секојдневната комуникација, се разбира, некои мутирале во поговорки, пароли, новинарски наслови, транспаренти и графити.

ЗАЛЕПЕНИ ЗА УВО

Најцитиран филм од македонската кинематографија дефинитивно е „Тетовирање“ на режисерот Столе Попов, снимен во 1991 година. Главните улоги ги толкуваа Мето Јовановски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински, Данчо Чеврески и други. Многумина го паметат „Тетовирање“ токму по: „Признај, пизда ти материна…“, „Носиш пиштол, се правиш фраер“, „Бекни бе, ќе ми снема лента“, „Кофер ко кофер – празан“, „Ту сам те чекао, птицо“…

„Тетовирање“ е прв филм што му паѓа на памет и на режисерот Деан Дамјановски.

– Филмот изобилува со „заразни“ фрази, независно дали станува збор за оние „главните“, кои останаа запаметени во историјата на македонската кинематографија или за редицата „не толку забележливи“ реплики што го прават вистинскиот шарм на овој култен филм. Една од тие е и репликата на Љубо Манијакот: „Да се измочам, ќе ти кажам нешто“. Зошто сум ја запомнил? Е па, едноставна е, има „заплет“, а и може добро да послужи во нормални, секојдневни ситуации – смета Дамјановски.

Тој додава дека, иако е голем филмофил, во последно време сè помалку реплики му се лепеле за уво.

– Дали тоа е затоа што во мојата меморија нема повеќе место или затоа што за да биде запаметена една реплика од филм е потребно да помине извесно време во кое таа ќе биде консумирана од пошироката јавност? Лично помнам повеќе реченици и изрази од филмови што сум ги гледал пред две, три, пет, па дури и десет и повеќе години, отколку од филмови што сум ги гледал последниов период. Верувам дека ваквите „catch“-фрази се една од стратегиите за зголемување на популарноста на филмот, како и за доделувањето култен статус од страна на повеќе генерации филмофили – вели Дамјановски.

За режисерот Димче Николовски, еден од највпечатливите монолози од „Тетовирање“ е следниов: „Седам јас… вака… на една клупа сам… мирен како бубачка… и еве ти двајца цајкани. Друже, добар дан. Кажем, добар дан“. Во меморијата на Николовски во белег останала и детската серија „Опстанок“, од која ги памети зборовите на Мето Јовановски – „Бисера! Викни го волчко!“.

Од филмот на Попов, актерот Сашко Коцев со своите пријатели најчесто ги користат: „Па, не се заебавајте, тоа се државни крпи“ и „Што сум кревал рака“. Но не помалку интересни му се и „Извини Пиги, морално беше“ од „Среќна Нова ‘49“ на истиот режисер, како и „Ово нема ни у Београду“ од „Викенд на мртовци“ (Коле Ангеловски). Од регионалната кинематографија, нашиот актер ја памети „Апсолутно романтично“ од „Дом за бесење“ на Емир Кустурица.

ПЕЧАТ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА

Според филмологот Владимир Ангелов, филмските фрази се печат на определена генерација, но има и реплики што опстануваат подолго. Вели дека филмските реченици се користеле од партизанските филмови до „Пред дождот“, но од нашите филмови снимани во последните години не може да издвои некоја „заразна“ реченица.

– Во 70-тите години обично се користеа репликите од бугарските филмови, како поинтересни по звучност. Особено популарна беше репликата „Не можам, Петко, не можам“ од филмот „Исправи се Делфина“ (Александар Ѓурчинов, 1977), а често ја имитиравме актерката Неда Арнериќ поради нејзиното симпатично меко „л“. Освен репликите од „Тетовирање“ и од „Среќна Нова ‘49“, особено популарен филм беше и „Самоуништување“ (Ербил Алтанај), На мојата сопруга сè уште и велам дека „ќе се осеќа ко кинеска краљица“, што ја кажува Чичко Кумплунг (Јовица Михајловски). Во последните години доста се употребуваше репликата „Пукај бе, братучед, пукај“ од „Пред дождот“ на Манчевски – вели Ангелов.

Култна реченица од филмот на Алтанај е и „А што да правиш, живот пише романе“.

Во македонските филмови многу се важни песните и тие опстојуваат долго, посочи Ангелов. Како пример ја издвои народната песна „Налеј, налеј“, која Владо Јовановски често ја пее во „Илузија“. Една од најзаразните реченици од филмот на Светозар Ристовски е „Лазо е бил и ќе биде“.

Од поновата македонска продукција, особено податливи за цитирање се „Големата вода“ од Иво Трајков и „Балканкан“ (Дарко Митревски). Од овие филмови режисерот Ристо Алексовски ги посочи: „Гаќите на другарката Оливера се светиња“ (Големата вода) и „Зошто, да му ебеш матер, зошто? (Балканкан)“.

Од постарите македонски филмови, актерот Рубенс Муратовски го издвојува „Мис Стон“ на режисерот Жика Митровиќ.

– Една од фразите е според мене најдобро кажаниот монолог на македонски јазик од великанот Петре Прличко, кој како Војвода Манданата го благословува бебето „Ај да ми бидеш живо и здраво детуле. Да пораснеш големо. На лице бело и црвено како тетовско јаболко, на снага – вита ела пиринска. Грло бисер да ти рони. Гласот да ти биде како на славејче…“. Има и други фрази, реплики како „Шо, у Београду не умираат“ („Викенд на мртовци“). Но репликата од серијата „Булки крај шините“ – „сега си како залижано теле“, сепак ми е најдрага и најупотребувана – вели Муратовски.

Извор: Дневник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *