ЦИА, Тито и МПЦ!

david
Давид Нинов, Епископ стобиски, ПОА

Полека, но сигурно, почнува да се одмотува клопчето на еден заплеткан сегмент во кругот на нашето општествено живеење. Познати чинители на јавниот дискурс, на пример Емилија Црвенковска и Александар Чомовски, како и не толку истакнати, но сепак, присутни политички фигури, ќе го посочам Слободан Угриновски, недвосмислено акцентираат дека МПЦ е творба на Комунистичката партија на Југославија!

Промените на демократскиот амбиент во нашата земја, првенствено заради засиленото меѓународно присуство, направија гореспоменатите личности да не завршат во затвор поради својата слободно искажана мисла.

Но, само десетина година пред нив, архиепископот охридски Јован беше осуден на затворска казна, затоа што ја посочи МПЦ како „последната тврдина на комунизмот“, кај нас! Во тоа време, мнозина, неправедно го преиначуваа исказот на архиепископот Јован во негово отворено непријателство кон народот, паушално поистоветувајќи го целиот народ со МПЦ, без притоа да направат увид во обвинението. Но, во обвинителниот акт К.О2/04 од 26. 01. 2004 г., се гледа дека архиепископот Јован не само што не кажува ниту еден збор против сопствениот народ, туку му открива дека: од 1967 г., до денес, само синодот на МПЦ бил и останува последната тврдина на комунизмот! Со пресуда на судијата Мишко Стојковски, за таа реченица, архиепископот Јован, во 2005 г., беше осуден на 18 месечна затворска казна.

На крајот од 2016 г., ЦИА, централната разузнавачка агенција на САД, декласифицираше извештаи, собирани во текот на минатиот век, од кои илјадници се однесуваат на нашата татковина, и истите од неодамна се на увид на јавноста. Во еден од овие, денес актуелни документи, со број 50X1-HUM од 29. 08. 1952 г., запишана е и следнава реченица: „Затоа Тито почнува да се ангажира со случајот за отцепена Македонска Црква со цел да ја ослаби Српската православна црква и да го попречи нејзиниот отпор против неговиот режим, создавајќи тешкотии за неа“. Значи, тоа што го пишува Доне Илиевски („Смислата на некои отпори против автокефалијата на МПЦ“, 1970 г.), дека: Кардељ, Стамболиќ, Црвенковски, пролетта 1967 г., во Белград, одлучиле во СРМ да прогласат автокефална црква, која ги прекинува сите врски со СПЦ (следствено и со останатите православни цркви), потем, тоа што провејува низ изјавите на јавните личности, и тоа што го сведочи Православната охридска архиепископија веќе петнаесет години, токму истото тоа, сега се запечатува со објавените документи од ЦИА!

Доаѓаме до битниот миг! Неопходно е да се прецизира што подразбира исказот – МПЦ е творба на комунизмот! Ниту едно од горенаведените предочувања, дека МПЦ е создадена од Комунистичката партија, не е насочено против нашиот народ. Тито не можел, во буквална смисла, да создаде нова црква, бидејќи голем дел од нашиот народ има длабоки корени во црковното предание. Очигледно тој исказ се однесува на тогашниот синод на МПЦ, и е еднозначен во ставот дека Комунистичката партија му наредила на синодот на МПЦ во 1967 г., да направи акт на самопрогласување автокефалија, а синодот сервилно се повел според наредбата.

Оттогаш наваму, битието на синодот на МПЦ е проткаено со битието на Комунистичката партија, а после осамостојувањето, по инерција, и со владеачките гарнитури, дури и кога некои од нив не го посакувале тоа. Следствено, Тито не ја создал црквата на нашиве простори, туку попрво ги оттргнал нејзините припадници од сеправославното црковно единство, а лесно е да се претпостави дека доколку не го сторил тоа, денес верниците ќе беа неподелени во однос на припадноста на сопствена, призната црква.

Во еден неодамнешен разговор го поставив прашањето, кое сега го повторувам: доколку нашата влада, под притисок на фиљан партија, донесе одлука дека од денес земјава е членка на Европската Унија, дали тоа ќе значи дека дејствително ќе биде членка, и дали Европската Унија a priori ќе ја прифати одлуката? Со други зборови, во православната црква автокефалијата не се самопрогласува, особено не по диктат на партијата, и тоа бездруго му било многу добро познато на синодот на МПЦ во 1967 г.! Извештајот на ЦИА, заедно со многу други слични документи, веќе се наоѓа на работната маса на секој православен патријарх. Не кореспондира со реалноста да се очекува дека православната црква ќе легализира начин на самопрогласување автокефалија по налог на Комунистичката партија, како што е нереално да се очекува дека Европската Унија би ја легализирала претпоставената одлука на нашата влада, донесена по желба на некоја партија. Следствено, МПЦ останува непризната црква за православниот свет. Барем засега!

Иако времето воопшто не работи во полза на МПЦ, а возможно е изолацијата и прескапо да ја чини, сепак легитимно е правото, сегашниот синод на МПЦ, во кој веќе не седи никој од творците на расколот, да се ослободи од етикетата – творба на Тито, и да се врати во литургиско и догматско единство со полнотата на православната црква, согласно православните начела. Доволно е да покаже храброст и да се ослободи од бесперспективниот политички притисок, и, ќе види дека полза и благослов од таквото држење ќе има сиот верен народ. Згора на сѐ и патот веќе е истрасиран, а ние со задоволство ќе го споделиме со синодот на МПЦ, штом заврши монтираниот судски прогон. Бидејќи, несомнено, патот води преку томосот на Православната охридска архиепископија. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *