Весникот „Нова Македонија“ го награди Никола Ристановски

Традиционално, и годинава првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ ја доделува наградата „Личност на годината“ за 2016 година.

Како прв дневен весник во Македонија, вграден во темелите на државата и автентичен хроничар на сите настани и случувања со децении, до денешен ден, „Нова Македонија“ чувствува посебна обврска да ја негува традицијата и да ги вреднува напорите и постигнувањата на оние личности што на некој начин се издвоиле и придонеле за афирмација на својата држава во пошироки рамки.

Наградата се доделува од 2012-та, што значи веќе петта година по ред, а ја добиваат личности што ја обележале годината во различни области. Нашите годинешни лауреати се токму такви поединци или личности сплотени во еден тим, со заедничка цел – афирмација на државата.

Нашите победници секогаш гледаат надвор од кутијата, ги надминуваат границите и поставуваат нови граници, фокусирани се на целината и се трудат таа целина да оди понапред, шират позитивна енергија, имаат позитивен приод кон нештата, а од нивните дела и постапки зрачат инспирација и мотивираност за акција. Со еден збор, тие се наша гордост и најголеми промотори и амбасадори на Македонија во светот.

Годинава изборот се сведе на следните личности: Томи Стефановски, светски првак во маратонско пливање; Благоја Милевски, селектор на младата фудбалска репрезентација на Македонија; Никола Ристановски, актер; Кирил Христовски, научник и професор; и Драгољуб Јаќимовиќ, капитен на шаховскиот клуб Алкалоид.

Во денешното и утрешното издание во кратки црти ги претставуваме и нивните достигнувања поради кои ја заслужија оваа престижна награда, која ќе им биде доделена на посебна церемонија по празниците во текот на јануари

Никола Ристановски
ХАРИЗМАТИЧНА ЅВЕЗДА, НО И СКРОМЕН СЕМЕЕН ЧОВЕК
 
Никола Ристановски е еден од ретките актери што публиката безрезервно ги обожава. Неговото име е гаранција дека претставата ќе биде хит, а речиси секое негово појавување на сцената е проследено со овации. Ристановски е харизматична ѕвезда, но и повлечен човек од нашето маало, непосреден и шегаџија, но и мудар и одмерен.

Тој е првенец на Македонскиот народен театар, кој во оваа куќа, а и во регионот има одиграно околу 3.000 претстави. Еден од ретките актери што со својот актерски шарм и маестралност низ годините беа препознаени и во регионот пошироко.

Минатава есен беше особено актуелен со главната улога во црногорскиот филм „Игла под прагот“, за која освои и актерска награда на Босфорскиот фестивал во Истанбул. Паралелно игра во култните „Глембаеви“ и „Дервишот и смртта“ во Белград, но и во спектаклот „Мајсторот и Маргарита“, „Животот на Молиер“ и „Животот е прекрасен“ во МНТ. Во Белград неодамна беше и премиерата на „Иванов“ на Чехов, кој уште го нарекуваат „Хамлет на кирилица“ – претстава на која ѝ предвидуваат блескав фестивалски живот.

Ристановски е човекот што беше прозван дека останал нем во време на големите турбуленции изминатава година во Македонија, на што одговара дека преку својот ангажман на сцена тој секако е во епицентарот на нештата и дека не останал неискажан по ниту едно прашање.

– Човечки е да ме радуваат признанијата и наградите и би лажел кога би кажал дека не е така. Како што минуваат годините сѐ повеќе имам почит кон тоа како се чувствуваат другите. Она што се нарекува кариера, а што докрај не знам што значи не ми припаѓа само мене. Таман мислев дека сум се изнаработил и дека ќе ја преспијам наредната година, ова признание ме обврзува одново да го оправдувам – вели Ристановски за признанието што го добива од „Нова Македонија“.                  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *