Мртвата крава во Вардар вреди повеќе од злато

martin bogatinoskiСтарата народна „Ој, Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“ може слободно да си ја пееме од трибините додека ги бодриме нашите црвено-црни ракометари, но навистина тешко дека некогаш, додека стоиме на брегот на нашата најголема река, нашите душички би почувствувале потреба да запеат.

Но, сепак, не е секогаш така црно.

Замисли, си седиш со девојка ти на клупа покрај Вардар, тивко и шепотиш колку ја сакаш, полека ја грицнуваш за десното уво, додека таа воздивнува и си ги завратува ракавите со цел да ти покаже дека се наежила… одеднаш, во тој момент здогледувате мртва крава како плови на површината од реката.

Нормално, херојски срипуваш од клупата, ја фаќаш кравата за опашка и ја довлечкуваш до брегот, буричкаш со раката во веќе испуканата трбушка и однатре, некаде помеѓу дебелото и тенкото црево, вадиш црвено украсно кутивче и во истиот момент клекнуваш на колена пред својата љубена и ја запросуваш.

И како што е редот, девојката ги става рацете врз лицето, а крокодилски солзи радосници се тркалаат по нејзините наежени подлактици. Изговара едно пискаво „Да!“, го вади мобилниот и веднаш прави селфи со тебе и со кравата.

Како и секогаш, фотографијата ја прикачувате на Фејсбук, па за помалку од седум минути собирате илјадници лајкови, коментари и честитки, а и голем дел од сајтовите ја преобјавуваат фотката со наслов: „Ќе ви се стопли срцето кога ќе видите како овој Македонец ја запроси својата девојка. Нема да ви се верува дека во запросувањето учествуваше мртва крава“.

Но, не смееме да заборавиме дека активистите од Анима Мунди никогаш не спијат, па веднаш скоцкуваат еден километарски и-мејл до сите медиуми, како луди испраќаат препорачани писма до сите министерства, полиции, пожарни, месарници… и оп, свадбата уште не сторена, ете ти го првиот проблем за младите.

Овие уште не си заминале од клупата, си се опуштаат така гушнати и насмеани, а ете ти ги полицајците и пожарникарите со багери, тенкови, подморници, хеликоптери… ја бараат кравата. А минувачите, пак, се собираат на Камени мост, грицкаат сончоглед и гледаат сеир.

Во тој момент, на терен пристигнува и самиот градоначалник, кој сосема случајно се нашол во близина додека возел точак низ Велоград, па веднаш како Супермен се преоблекува во нуркачка опрема и се фрла во реката да ја бара кравата. Нормално, потоа следува и негово вклучување во живо, каде што дава изјава дека навистина е зачуден како е можно мртва крава да се најде во реката Вардар.

За жал, никој од присутните не се дрзнува да му каже дека не само крава, туку и слон би умрел во Вардар.

Автор: Мартин Богатиноски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *