Ако „таткото“ на Ѓорче Петров нема слух, тогаш јас ќе имам глас

По два мандата на генералот Сокол Митровски како градоначалник на Општина Ѓорче Петров, сега конечно почнува да дува свеж ветер. Митровски реши да не се кандидира на претстојните локални избори, а на негово место од партијата ВМРО-ДПМНЕ доаѓа кандидатот Владо Мисајловски, како и Александар Наумовски од СДСМ. Па така, битката за градоначалничката фотелја повторно ќе ја водат кандидатите на двете најголеми политички партии во државава, но кога станува збор за советничката битка, таму ќе учествува и партијата Левица, која сосема независно и без никакво коалицирање со ниту една поголема партија ќе се вклучи во борбата за советничко место во општината Ѓорче Петров.

Прво на листата советници од оваа партија е наведено името на Симона Јорданова, жител на населбата Волково во општината Ѓорче Петров. Таа вели дека потребни се промени и верува дека нејзината задача како советник во општината ќе им овозможи уште едно гласило на граѓаните, оти како што вели, сето она што идниот градоначалник ќе сака да го сокрие од јавноста, таа ќе биде првата што ќе им го соопшти на своите сограѓани.

Калимеро: Зошто Левица нема кандидат за градоначалник во општина Ѓорче Петров?

Јорданова: Личен бирократски проблем, односно процес е во прашање. За нас беше вистинска бирократска битка составувањето на советничката листа, институционалниот хаос и недоследноста во објавувањето на потребните документи до издавањето на документите од суд, а тоа најдобро го чувствуваат партиите кои се ограничени со средства и со време.

Калимеро: Вие сте прва на листата кандидат за советник од Левица за Ѓорче Петров. Колкава е поддршката што ја добивате од матичната партија, но и колку жители на Ѓорче Петров веруваат во вашите ветувања?

Јорданова: Кога ги запознаваме со улогата и намерите на Левица, конкретно во Ѓорче Петров, граѓаните вообичаено веруваат во намерите, но им делуваат утописки и недостижни. Сепак, таквиот заклучок е очекуван и јасен, а доаѓа од вкупното досегашно владеење на политичките партии кои во својата практика смислуваат и обезбедуваат начини на зависни гласачи, за истите тие да им претставуваат сигурносен столб на малкумината истакнати политичари, за повторување на нивните функции, а со тоа и постојано одржување на просторот за реализирање на своите тесни лични интереси, и покрај јасните показанија за нечесност, лакомост, злоупотреба, манипулација, криминал и сл. Ставовите и вредностите кои се насочени кон борба против ваквата практика за водење на политика централно и локално, се мои лични ставови кои биле одговорни за да препознаам дека припаѓам на Левица, а тоа подразбира и поддршката од матичната партија.

Калимеро: Родени сте во населбата Волково и живеете во Волково. Дали поддршката од волковчани е доволна за да се добие битката за советник?

Јорданова: Мене ми е битно сограѓаните да разберат зошто е значајна битката за советник од Левица. Не би можела со сигурност да знам во која од населбите во Ѓорче Петров најмногу ќе биде застапена поддршката, а и претенциозноста на личната идентификација со деталите од нивниот маалски живот на претставниците од другите партиите е обид да се даде впечаток дека и тие го прават сето она што и нивните комшии. На тој начин, автоматски забораваме дека кога ќе чукне часот за реализирање на проекти, насоката по која ќе тежнеат, ја диригира партијата од каде што доаѓаат, а тие насоки се знае дека се изведени за да се исцрпи нешто што ним не им припаѓа.

Калимеро: Што е тоа што најмногу и недостасува на општината Ѓорче Петров?

Јорданова: До недоглед може да се набројува што недостасува, но ќе спомнам неколку работи што ги имаме како мерки. Одржување и дополнување на постојните паркови и нови зони (кон Волково, Ново Село, Кисела Јаболка, Стопански двор), изградба на градинка во Волково, изградба на базен, фекална и атмосферска канализација, асфалтирање на улиците, бесплатни екскурзии и бесплатен оброк во основните училишта, спроведување на гасификација, изградба на рециклирачки центар, изградба на хуман стационар за бездомните кучиња, културно лето со театарски претстави и музички изведувачи.

Калимеро: Кандидатите за градоначалници во оваа општина се Александар Наумовски од СДСМ и Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата досега направија средба до граѓаните, заедно со кандидатите за советници. Каде е Левица на ова поле и на кој начин допира до гласачкото уво?

Јорданова: Социјалните мрежи и непосредната средба со граѓаните е главно начинот на којшто Левица допира до граѓаните. Не го сведуваме граѓанинот на пенкала, блузи и мечта за вработување. Ние ги разбираме партиски определените, неутралните, разочараните, поддржувачите наши, па доколку има расположение за разговор ја објаснуваме суштината на нашиот слоган, т.е залагањето за вистинската промена, а не замена.

Калимеро: Што е најкрупната работа што Левица ја ветува во изборната кампања за престојните локални избори?

Јорданова: Покрај социјалните мерки кои ги сметам за нужни, најкрупната работа е тежнеењето за одговорност и ревизија на сите претходни тендери, и ревизија на целосниот проект за канализација со индивидуалните придонеси од 500 евра.

Калимеро: Претходниот градоначалник Сокол Митровски од ВМРО-ДПМНЕ владееше со општината два мандата, но помеѓу народот не го бие добар глас. Дали работите конечно ќе се сменат во иднина и општината конечно ќе добие „татко’’ кој навистина ќе ги исполни ветувањата?

Јорданова: Јас ги охрабрувам граѓаните да гласаат за Левица со цел заеднички да се избориме за подобра иднина. Левица не случајно оди самостојно на локалните избори, па иако сме релативно нова партија, за нас трката до советничкото или градоначалничкото место не е по секоја цена, па, како би се претопиле како досега видените трети опции. Широките коалиции значеа и значат моќ и победа, но за кого?

Калимеро: Колку советничката Симона Јорданова ќе може да влијае на одлуките на идниот градоначалник ?

Јорданова: Колку ќе може зависи од ситуационото мнозинство кое ќе видиме какво ќе биде, а зависи и од тоа колку идниот градоначалник вистински ќе сака да чуе што се советува, а ако се нема слух, тука ќе бидам да го известам народот за сè што се случува.

Автор: Мартин Богатиноски

Колумна на денот

Коѕиас

Согласно на стиховите на Василис Цицанис, Солун е град, кој секогаш во своите широки прегратки ги чува оние, кои се проникнуваат со миразот на убавината […]

Интервју на неделата

Горан Трајковски: Македонија е зафатена од чумата на Новиот Вавилон

Тој е можеби еден од најдлабоките, најмистериозните и истовремено наједноставните луѓе во нашава државичка и пошироко. Тивок, начитан, паметен и уметник со голема театралност. Неодамна […]

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*