Никој не го погледнува гробот на Есма Реџепова

Легендарната кралица на Ромската песна, Есма Реџепова – Теодосиевска, почива како незнаен јунак на градските гробишта Бутел. Ниту букети со цвеќе или трева, само земја, празна вазна, бардак, и дрвена плоча со нејзиното име и презиме се сликата која што ја затекнале нејзини почитувачи на местото каде што е погребана. Од она што може да се види на фотографијата, најверојатно подолг период никој не го посетил гробот на Есма, пишува Фокус.

Фотографијата со вечното почивалиште на Есма се прошири на социјалните мрежи, а јавноста во шок коментира дека таа не го заслужила тоа и нејзниот гроб треба да се одржува додека да добие спомен плоча. Според муслиманските обичаи, спомен плоча се поставува дури една година по смртта.

Весна Ѓорѓиевска, која заедно со Симеон Атанасов долги години се грижеше за кариерата на Реџепова, вели дека не знае дали и кога кралицата на Ромската песна ќе добие споменик, и дали таму ќе биде поставена бистата, која на барање на Есма била изработена уште додека била жива. Со Симеон решиле да не се мешаат во семејните одлуки. Кога вели семејството на Есма, се работи за нејзните внуци од сестри и браќа, а не за децата кои Есма и нејзниот сопруг Стево ги одгледаа, бидејќи ниту едно од нив не било законски посвоено.

,,Секако дека Есма ова не го заслужи. Семејството е одговорно за овие прашања, јас и Симеон не знаеме што планираат да прават и дали ќе и подигнат споменик. Таа остави се на државата. Внуците на Есма велат дека Симеон не бил посвоен и немал никакви права. Му кажаа и судски да им го препише гробното место. Ние нема да се мешаме’’ – вели Весна. Потсетува дека сопругот на Есма, Стево Теодосиевски бил кремиран, а кога починал, биле испочитувани сите православни обичаи.

,,Стево беше кремиран, неговата урна се наоѓа во нивниот дом. Уште додека беше жива, Есма побара од нејзин роднина, уметник, да и изработи биста. И бистата се наоѓа во нејзината куќа. Не знам дали некој некогаш планира да ја постави над нејзниот гроб и со тоа да и се исполни желбата. Не сакам да навлегувам во нивните семејни работи, не сум во тек ниту со муслиманските обичаи околу подигање на спомен плочи, но добар дел од животот поминав покрај Есма и знам што сакаше таа’’ – раскажува за ,,Фокус’’ Ѓорѓиевска.

Таа додава дека е разочарана и од државата, бидејќи Есма за многу кратко време паднала во заборав.

,,Таа беше национален уметник, македонски бренд. Сето ова е многу жално. Додека кај нас се расправаат дека Есма била за ВМРО, ете, сега новата Влада може да направи нешто. Мислам дека воопшто не е важно која партија е на власт, уметноста си е уметност и не треба да има никаква поврзаност со политиката. Ние го одбележавме нејзиниот роденден во Ниш, Србија, со настап на ,,Esma’s band next generation’’.

Се запалија илјадници свеќи за време на концертот во чест на Есма. Беа тоа трогателни слики. Никој од политичарите кај нас не направи ништо за нејзиниот роденден’’ – огорчено вели Весна.

,,Вистината е дека секогаш кога имавше концерти во други држави, беше дочекувана како вистинска ѕвезда. Тоа кај нас не беше така. Никогаш додека беше жива не беше целосно ценета како што доликуваше за уметник од нејзината бранша, признат во целиот свет, вброен помеѓу најдобрите 50 вокали на сите времиња. Сега, откако ја нема, што да се коментира? Се дозволи да падне во заборав за кратко време. Кога во април оваа година имавме концерт во нејзина чест, во Франција, публиката во еден шатор направи еден вид на светилиште со нејзините фотографии, каде врвни уметници и обожаватели и оддаваа почит. Еве и фотографија од настанот, за јавноста да види… Гореа свеќи во нејзина чест и и го правеа рајот посветол. Овде, се се цени според продажна вредност. Ако една обична фотеља на која некогаш седела Есма во светот би имала огромна вредност, само поради фактот што, ете уметник од нејзиниот ков седел на неа, овде тоа се занемарува. Жално е, но тоа е суровата вистина’’ – раскажува Ѓорѓиевска.

Есма почина на 73 – годишна возраст, по тешко боледување, лани во декември. Претседателот Ѓорѓе Иванов, тогашната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, градоначалникот Коце Трајановски и многу други политичари се простија од неа, а на комеморативната седница на Советот на град Скопје се обрати и виолинистот Зоран Џорлев, додека Трајановски посочи дека Есма беше еден од најголемите претставници на Македонија во светот. Беше отворена книга на жалоста, во која присутните изразуваа сочувство.

Есма беше носител на титулата Национален уметник на РМ, сними околу 60 албуми, на 15 јазици. Одгледа 47 деца, но никогаш не роди свое дете. Набргу по објавувањето на нејзниот тестамент, според кој таа сиот имот го оставила на Република Македонија, се јавија и нејзини блиски пријатели и роднини, со изјави дека внуците на Есма од сестри и браќа, ќе се борат за нејзиниот имот. Тогаш, нејзниот менаџерски тим, Симеон и Весна ни изјавија дека сакаат да го сочуваат добриот спомен за Есма и ќе почитуваат се што ќе се потврди дека и било по воља.

Колумна на денот

Доказот!

Веќе четврти или петти пат од устите на специјалните јавни обвинителки Катица Јанева и Ленче Ристовска слушаме дека „СЈО обезбеди доказ дека снимките од нелегалното […]

Интервју на неделата

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*